Коневски: Изградба на ново средно училиште во Аеродром

Заеднички проект за изградба на гимназија во општина Аеродром презентираа денеска кандидатите за градоначалници на оваа општина и на Град Скопје Ивица Коневски и Коце Трајановски.

– Во една голема и модерна општина каква што е Аеродром гимназија е речиси неопходна, а со тоа ќе се подобри и достапноста на учениците до училиштата и ќе се зголеми квалитетот на воспитно-образовниот процес, рече Коневски

Додаде дека соработката со Градот Скопје и со градоначалникот Коце Трајановски е одлична веќе осум години и оти дава видливи резултати.

– Очекувам оваа соработка да продолжи и натаму во интерес на жителите на општината. Граѓаните го заслужуваат тоа. Аеродром мора да оди напред, Скопје мора да оди напред, истакна кандидатот за градоначалник на општина Аеродром Ивица Конески.

Деталите за овој капитален проект ги соопшти и кандидатот за градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски.

– Аеродром е општината со најголем развој во Скопје изминативе неколку години, преку изградбата на неколку нови населби, пред се во околината на Ново Лисиче, како и урбанизацијата долж булеварот „Трета Македонска бригада“ и населбата Стар Аеродром. Ова е и многу „млада“ општина, ако се земе во предвид структурата на населението кое живее тука. Порастот на популацијата во Аеродром го наметна и барањето за изградба на ново средно училиште со гимназиска насока на територијата на оваа општина. Овој проект ќе се реализира во директна соработка со Општина Аеродром и Владата на Република Македонија, а изградбата на истото ќе чини околу 120 милиони денари. Со изградбата на ново средно училиште во Аеродром ќе се подобри достапноста на учениците до училиштата и ќе се унапредат условите во кои учат учениците, а со тоа и квалитетот на воспитно-образовниот процес, кажа Трајановски.

Покрај реализацијата на овој капитален проект, во областа на образованието предвидени се голем број на проекти, каде како најважни можат да се издвојат инвестициите во реконструкции на сите средни училишта, подобрување на условите за физичката настава преку изградба и реконструкции на спортските сали во средните училишта, продолжување на поддршката на талентираните и надарени ученици, како и изградба на нов објект на средното училиште „Кочо Рацин“.