Конфедерацијата реагира по изјавата на Заев за струјата: „Не се откажуваме, протстите продолжуваат утре“

Не се откажуваме и ќе продолжиме со протестите против поскапувањето на електричната енергија – велат од Конфедерацијата на синдикатите по изјавата на Зоран Заев, кој рече дека смета оти новиот парламентарен состав не треба да ја разреши Регулаторната комисија за енергетика.

Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикатите кои се организатори на протестите во Скопје против поскапувањето на струјата, извести дека утре продолжуваат со протестите со блокирање на двата булевари, кај Министерството за правда и ТЦ „Мавровка“.

Ристески се надева дека Заев ќе се премисли и дека идното Собрание, но и Влада, ќе најдат начин за поништување на одлуката за поскапување на електричната енергија за 7.4%.

Реагираше и организаторот на протестите во Тетово, Арианит Џафери, кој прашува кој ги штити граѓаните од ваквите независни комисии.

„Гледам дека г-динот Зоран Заев побарал од пратениците да не ја укинат Регулаторна комисија за енергетика. Се прашувам:

  1. Ако комисијата е независна зошто Премиерот на државата, станува и адвокат?
  2. Кому треба да служат пратениците, на Премиерот Заев или на граѓаните од кои добиле гласови и мандат?
  3. Кој ги брани граѓаните на РСМ од вакви “независни” мафијашки здруженија кои легално и законски земаат пари од сиромашниот народ за да ги полнат џебовите на тајкуните на енергетските компании?“, прашува Џафери.

Бараат да се смени начинот на носење одлуки за поскапување на електричната енергија од Регулаторната комисија за енергетика. Во постапката да бидат опфатени сите засегнати страни, експертите, здруженијата и синдикатите. Велат дека ќе ги радикализираат протестите се додека не се донесе одлука која не е во интерес само на енергетските претпријатија, туку и на граѓаните.

За утре, освен во Скопје, протести ќе има и во Тетово, Струга, Кичево, Куманово, Гостивар, Прилеп и Битола.