Конференција „Архив на податоци од општествените науки во Република Македонија“

Ова денеска го истакна директорката на Институтот, Мирјана Борота – Поповска во обраќањето на конференција на тема „Архив на податоци од општествените науки во Република Македонија“, која е прва од ваков вид во Македонија, а претставува завршна активност на меѓународниот проект.

Tаа посочи дека преку проектот унапредени и модернизирани се капацитетите на Институтот во област која е дел од неговата основна дејност – документирање и зачувување на истражувачката работа за идните генерации и во служба на напредокот во општеството.

Националната архива на долг рок би требало да добие национално финансирање од ресорното Министерство или други јавни институции кои би го согледале значењето на оваа истражувачка инфраструктура и би го признале како национален сервис, кој ќе ја опслужува целокупната научна заедница. Oсобено во техничките аспекти на функционирање на Архивот, на Институтот ќе му треба поддршка и натамошна надградба на постојните капацитети, додаде Борота – Поповска.

Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, Никола Јанкуловски рече дека проектот има за цел да воспостави нова инфраструктурна институција во науката во Република Македнија, и тоа во согласност со европскиот тренд на отворени податоци, транспарентност и јавна отчетност на науката. Нагласи дека за Универзитетот овој проект значи домашна и меѓународна препознатливост, бидејќи, како што рече, во наши рамки гради капацитет од национално значење.

Преку овој проект, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ соработува и со Европскиот конзорциум на архиви на податоци од општествените науки, кој изразува поддршка за преземените чекори за воспоставување Архив на податоци од општествените науки во Република Македонија, додаде Јанкуловски.

Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тајада истакна дека Архивата за податоци за општествени науки во Македонија е регионален центар, служи како значајно, главно депо за ширење на податоци значајни за општествените науки и игра клучна улога за потребите на научната заедница. Архивата, потенцира таа, овозможува собраните податоци да бидат достапни во иднина.

Нагласи дека се убедени дека овој систем за архивирање на податоците ќе и донесе многу предности на заедницата на општествени научници во Македонија, но и на земјата во целина.

Преку неа се засилуваат отвореното општество и отвореното истражување. Кога податоците се слободно достапни, тогаш научниците се во можност самите себе да се корегираат на најефикасен начин. Со слободно достапни податоци се поттикнува диверзитет во анализирањето и изнесувањето мислења. Истражувачите кои имаат пристап до податоците можат да ги соочуваат своите меѓусебни анализи и заклучоци, рече Сутер Тајада.

Според неа, можат таргетирано да тестираат нови или алтернативни методи и со оваа архива се намалуваат трошоците, бидејќи се отстранува потребата од дуплирање на истражувањата. Додаде дека со привршувањето на долгогодишниот регионален проект се додека постои потреба и интерес за соработка, ќе се отвораат нови можности за поддршка на научната заедница од овој регион.