Конгресменот Смит инсистира на истрага за амбасадорот Бејли: Имаме извори кои покажуваат застранување и поддршка на леви групи

Свиркачот од Македонија ни обезбеди некои вознемирувачки информации дека амбасадата во Скопје поддржувала крајно левичарски веб сајтови и невладини организации кои заземале страна на изборите и затоа тие обвинувања треба целосно да бидат истражени, вели американскиот републикански конгресмен Кристофер Смит во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој додава дека по испратеното писмо на 17-ти јануари потпишано од него и уште пет конгресмени, се уште нема одговори на прашањата кои ги поставиле.

-А ние гледаме вознемирувачки информации кои сугерираат дека САД и посебно амбасадорот Бејли заземаат страна и тоа би било погрешно. Знаете, една работа е да притискате, а една од работите со кои Хелсиншката комисија и ОБСЕ се гордеат е да се осигураат слободни и фер избори кога се случуваат, но никогаш не заземаме страна. Станува збор за американски пари и американски фондови, а ние имаме кредибилен извор кој ни вели дека имало застранување и еднострана поддршка на крајно леви медиумски групи и веб сајтови. И тоа е тоа што го прашав Џес Бејли. Сакаме одговори и ги сакаме сега. Факт е дека чекаме две недели. Ние имаме уставна одговорност во Конгресот да се осигураме дека секој долар од американските даночни фондови се троши правилно, целосно транспарентно и без скриени игри и фактот дека немаме одговор повеќе од две недели е вознемирувачки. И сè додека ова не излезе во медиумите, немаше интерес да ни се одговори и јас сум многу загрижен за тоа. Ние сакаме верификација и да знаеме што навистина се случува на теренот, бидејќи тоа не е начин на кој треба да се трошат американските пари, вели Смит во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Смит вели дека иако од американската амбасада било кажан дека ќе им биде одговорено, одговор се уште нема. Затоа конгресменот верува дека треба да дојдат до точката за истрага од ОИГ (Канцеларија на Генералниот инспектор) бидејќи „ова предолго трае и дека има многу дезинформации ширени од Стејт департментот во многу земји во изминативе неколку години.“

-Иронично е, додека Викиликс не излезе со нивни информации, ние разбравме за тоа што всушност некои наши мисии прават. И јас мислам дека тоа е шокантно, а ние мораме да обезбедиме отвореност. Имам поплаки и од други земји и нив ќе ги следиме исто така. Македонија е една од многуте земји, но свиркачот ни обезбеди некои информации кои, според мене, се многу вознемирувачки лоши и затоа треба целосно да бидат истражени. Не треба да се прикријат за да дојдеме до крајната цел, а тоа е во Македонија да има слободни и фер избори и независни и големи медиуми. Јас за ова сум напишал закони и амандмани за слободата на печатот. Сум работел со новинарски организации и невладин сектор кој се занимава со тоа. Но, идејата е да не се биде на една или на друга страна на изборите, бидејќи тоа не е етички за американската надворешна политика, додава конгресменот.

Смит заклучува дека доказите изгледаат кредибилни и сака да се оди до крај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.