Конгресот нема да поддржи воена интервенција на САД во Венецуела

Американскиот Конгрес нема да поддржи воена интервенција на САД во Венецуела и покрај навестувањата на претседателот Доналд Трамп и членови на неговата администрација, како и на самопрогласениот привремен претседател на оваа латиноамериканска земја Хуан Гуаидо, откри во средата демократскиот претседателот на комисијата за надворешна политика на Претставничкиот дом.

„Загрижен сум поради ѕвецкањето со оружје на претседателот, од неговото сигнализирање дека американската воена интервенција и натаму е опција. Сакам јасно да порачам… американска воена интервенција не е опцијата“, изјавил Елиот Ленс Енгл на почетокот од сослушувањето за хаотичната политичка ситуација во Венецуела, земјата со најголемите потврдени резерви на нафта во светот и со третина од глобалните резерви на природен гас.

Според американскиот устав, воените операции во странство мора да бидат одобрени од Конгресот.

Енгл предупредил и на можните последици од американските санкции против венецуелската државна нафтена компанија PDVSA врз народот на оваа земја. САД воведоа санкции против компанијата за да го ограничат пристапот до приходите од нафтата на владата на претседателот Николас Мадуро.

„Ја разбирам потребата од вршење притисок врз Мадуро. Но Белата куќа мора да размисли за потенцијалните последици кои тие санкции ќе ги имаат на народот на Венецуела, доколку Мадуро во следните седмици не отстапи од должноста“, предупреди Енгл.

Венецуела, инаку, поради лошите девизни политики и американски блокади изминатите години, е веќе погодена од недостиг од храна и лекови, хиперинфлација и нефункционална економија.