Консолидираната ВМРО-ДПМНЕ го зголемува рејтингот, се очекува трендот да продолжи

Вистинското расположение за Договорот со Грција и скандалите на власта ќе се покажат на следните анкети, а зголемениот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ кај гласачите, во прв ред, е резултат на активизмот на партијата и консолидирањето на партијата, и оттаму може да се очекува продолжување на трендот на раст на довербата во најголемата опозициска партија.

За релативно кус период, ВМРО-ДПМНЕ направи значително подобрување на рејтингот кај избирачите, имајќи предвид особено откако по речиси една деценија партијата замина во опозиција. Покрај тоа, партијата доби и ново раководство, што со себе вообичаено ги носи предизвиците на пројави на незадоволници и фракционерство и поделби во партиското ткиво. Сепак, се чини, дека новиот лидер Христијан Мицкоски успеа да им одолее на сите вакви појави на внатрешни поделби, фракционерство и подметнувања.

Подемот, или скокот за 3,4 отсто на довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ, наспроти падот на рејтингот на владејачката СДСМ за над цел процентен поен, може така да се каже, започна со лидерскиот дуел, во кој неподелена е оцената дека Мицкоски наспроти премиерот и лидер на социјалдемократите Зоран Заев се претстави како личност со јасен концепт, концизност и, што е многу поважно, без темни петна. Потоа, како што забележаа и повеќето аналитичари во своите коментари на резултатите од испитувањето на јавното мнение спроведено од институтот МЦМС во последната седмица од јули, неоспорно е дека за растот на рејтингот на најголемата опозициска партија придонесе постојаното присуство во јавноста и особено на теренот меѓу граѓаните. По успешниот скопски митинг од почетокот на јуни, ВМРО-ДПМНЕ започна со засилен активизам, и речиси секојдневни собири во градовите низ државата, во рамките на акцијата Лето за Македонија, при што директно се посетуваат граѓаните и со нив се остварува непосреден контакт.

Забележливо, исто така произлезено од резултатите на анкетата, е дека постои голем простор за продолжување на трендот на раст на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, покрај речиси 38-те отсто неодлучени испитаници во истражувањето, треба да се истакне и фактот дека тоа е спроведено во периодот пред во јавноста силно да одекнат тендерските и скандалите со злоупотреби на владејачките структури, кои допрва ќе имаат својот одек и рефлексија врз довербата на испитаниците во партиите и политичарите.

Освен тоа, се очекува дека во следните месеци големо влијание во анкетите ќе има и Договорот со Грција, како што ќе се приближува датумот за одржување на референдумот за промена на уставното име на Република Македонија, како круцијална одредба од споменатиот договор. И тоа поради фактот што мнозинството од граѓаните, односно меѓу 50 и 60 отсто се незадоволни од договорот со Грција, односно само 28 проценти од етничките Македонци го поддржуваат договорот.

Сега на потег се партиите. ВМРО-ДПМНЕ, ќе мора да останат имуни на чувството на самозадоволство од споменатите резултати и уште позасилено да бидат присутни во јавноста со конструктивност. Во владејачката СДСМ, пак, мора навистина сериозно да се размислат дали досегашната тактика на споредување со наводни дубиози на претходниците им е навистина од полза. Граѓаните јасно порачуваат дека тој период е завршен, оти сега очекуваат резултати. Покрај тоа, владејачите ќе мора да ги напуштат и досегашните практики на сервирање во јавноста конструкции. Едноставно, тоа очигледно кај избирачите „не врви“.