Молошоски: Бараме конструктивно однесување од СДСМ

Бараме конструктивно однесување од СДСМ да постигнеме договор за сите претходно усогласени работи и да можеме да ставиме крај на овие исцрпувачки политички преговори, да ја завршиме оваа политичка криза и да продолжиме со нормална работа за доброто на државата.

Ова денеска го порача Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, по предпладневната билатерална средба со белгискиот олеснувач Питер Ванхауте и најави дека се очекува уште една средба во вечерните часови.

Ќе дадеме  максимум од она што можеме, но имаме само неколку ограничувања, тоа е Уставот на Република Македонија, законите и политичкиот договор потпишан од четирите партии кои се согласиле да го почитуваат и да го исполнат. Очекуваме и од страна на СДСМ да бидат почитувани овие начела и што поскоро да ја завршиме оваа наметната криза, се во интерес на државата и на граѓаните, рече тој, пренесува МИА.

Во последниве две недели, истакна Милошоски, забележуваме дека СДСМ очигледно има тенденција да не постигнеме договор. Десет дена, појасни, интензивно се разговара за измени на Законот за влада и за државна управа каде што треба да се регулираат надлежностите на новите министри за внатрешни работи, за труд и социјална политика и особено на новите досега непознати како институција дополнителни заменци министри во повеќе министерства.

Според Милошоски, ВМРО – ДПМНЕ дава конструктивни предлози и прима различни предлози од СДСМ. Она што е тенденција, рече, е дека секој даден предлог од СДСМ пред неколку дена се менува во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати тој предлог се со цел да не се постигне договор, рече тој.

Бараме конструктивно однесување од СДСМ да постигнеме договор за сите претходно усогласени работи и да можеме да ставиме крај на овие исцрпувачки политички преговори, да ја завршиме оваа политичка криза и да продолжиме со нормална работа за доброто на државата, порача Милошоски.

Тој смета дека целта на ваквото однесување на СДСМ е да продолжи политичката криза во Македонија како шанса за подобрување на нивниот рејтинг, да се изгуби препораката од Европската комисија, која за нив не е губење на препорака на Република Македонија, туку, подвлече Милошоски, губењето на препораката би му нанела штета на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата предводена од владејачката коалиција.

Сметаме дека целта на СДСМ со ваквото однесување е политичката криза и губењето на препораката дополнително да предизвикаат економски последици и економска штета на државата. Очигледно е дека СДСМ се загрижени од високиот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ којшто го покажаа последните анкети и очигледно е дека не им е драго што и покрај политичката криза што ја создадоа, ВМРО-ДПМНЕ, Владата и реформите успеваат Македонија високо да ја пласираат на листата на Дуинг бизнис, како земја која нуди поволни економски можности, изјави Милошоски.

Крајно време е, потенцира тој, СДСМ да не одоговлекува ако се плаши од изборите кои ги бараа.

Целата оваа тактика  очигледно е бегање од изборниот датум,  желба да се влезе во власта само под нивни услови и по секоја цена, а истовремено продолжување на политичката криза како изговор за истата да послужи за одоговлекување или одложување на изборите. СДСМ се надева во време на политичка криза и условно кажано штетни економски последици да може да поработи на својот низок рејтинг, појасни Милошоски.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој меѓу другото посочи дека договорот од Пржино не би бил комплетен доколку не го има 24. април како датум кога треба да се одржат избори кои ги бараше СДСМ како предвремени избори.

ВМРО – ДПМНЕ смета дека не е во интерес ниту на државата, ниту на политичките партии, ниту на  меѓународната заедница и авторитетите кои застанаа зад она што беше договорено од сите релевантни политички субјекти да се пролонгираат изборите, рече Милошоски.

Додаде дека пролонгирањето на изборите ќе значи и пролонгирање на политичката криза, а тоа, може да одговара за СДСМ, но не е добро за Македонија како држава.

Сега СДСМ ги бара сите други можности од тој договор, учество во власта, а  се обидува со непостигнување на договорот по клучни прашања да го одоговлечи датумот на изборите, затоа што веројатно се плашат од последните анкети од  нивниот низок рејтинг и од успешноста на економски план потврдена и со последниот извештај од Дуинг бизнис, рече Миошоски.

Она што СДСМ може најмалку да го направи за државата, повика Милошоски, е веќе усогласените работи што не се мали, како што се усогласените реформи за Предлог-изборниот законик,  да се согласат и уште утре да ги изгласаат во македонското Собрание. Сигурни сме, рече, дека таквиот чекор ќе и помогне на Македонија како држава да јас зачува препораката од ЕК.

Сепак, посочи, ова како потег зависи од добрата волја и размислувањето за интересите на државата од страна на СДСМ.

На прашањето од новинарите во кој дел СДСМ го кочи политичкиот договор, Милошоски потенцира дека СДСМ бара тоа што не го добиле со договорот од Пржино да го издејствуваат со одоговлекување на овие преговори, да добијат поголеми ингеренции дури и кога излегуваат надвор од позитивните законски прописи и да имаат свое политичко влијание, учество и креирање на политиката на Владата на РМ, нешто, подвлече, што и самите тврдеа дека не е нивна цел.

СДСМ неколку пати изјави дека нивна цел не е да владее заеднички со ВМРО – ДПМНЕ, но очигледно е дека нивна цел е таму каде што ќе се укотват во тие министерства сепак да спроведуваат политика на владеење која не би ги почитувала основните законски прописи кои ги предлагаме. Затоа цениме дека СДСМ не треба вака често и несериознио да ги менува своите политичи ставови или  ставови по однос на предложени законски членови, секојдневно затоа што со вакво нестабилно однесување само се продолжува политичката криза, Тоа можеби СДСМ смета дека е во нивен интерес но ние сметаме дека не е во интерес на ниедна политичка партија, а најмалку во интерес на РМ, укажа Милошоски, член ИК на ВМРО – ДПМНЕ.

Во однос на изјавата на амбасадорите Милошоски дециден дека го ценат придонесот на сите меѓународни фактори кои имаат свој удел во овој дел на разговори и сметаат дека она што го прават е корисно и затоа, како што рече, се трудиме да ја искористиме таа нивна добра волја и со нашата конструктивност да придонесеме за постигнување на конечен, одржлив договор кој би завршил во Собранието на РМ, со изгласување на повеќе закони и би завршил на 24.април со избори, на кои очекуваме ВМРО – ДПМНЕ повторно да освои убедлива победа пред СДСМ.

ВМРО – ДПМНЕ, потсети, го прифати последниот предлог даден од меѓународната заедница по однос на членот кој го регулира временскиот т.н. транзициски период во којшто новиот министер и дополнителните заменици ќе имаат заеднички овластувања или една усогласена рамнотежа во дејствуањето внатре во клучните министерства.

Секој министер ќе има овластувања според законот. Сакаме да бидат утврдени точно и прецизно. Она што треба дополнително да се определи и не било случај во нашиот уставен систем е утврдувањето на дополнителни заменици министри. Мора да се договориме од каде ќе ја црпат нивната надлежност, какви овластувања ќе имаат и каков ќе биде нивниот однос со министрите за да може да функционираат министерствата каде што ќе ги има ваквите дополнтиелни заменици. Ние сакме и после завршувањето на овој договор владата да продолжи да работи, министерствата не да бидат во конфликт, туку да бидат ефективни и ефикасни каде ќе може да се работи во интерес на граѓаните. Таа е нашата цел и нашите конструктивни предлози одат во таа насока, изјави денеска Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО – ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.