Kонсултативна средба за Иловица-Штука: Нема да се користи цијанид и сулфурна киселина

На иницијатива на Претседателот на Владата, синоќа во Струмица се одржала консултативна средба за Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица – Штука, соопшти владината прес-служба.

Во четиричасовната дискусија со која претседавал Заев, учествувале владини претставници од ресорните министерства и институции, градоначалници и претставници на засегнатите локални самоуправи, претставници на локалните заедници, граѓански организации и здруженија, технички експерти, претставници на ЕБОР и на компанијата – носител на проектот, „Еуромакс“, како и други засегнати страни.

Во текот на дебатата, како што соопшти Владата, биле презентирани аргументи и студии од сите страни и се соочувале ставови со цел меѓусебно разбирање и наоѓање решенија.

„Во рамки на дискусијата беше поздравена и одлуката на „Еуромакс“ да ги отстрани цијанидот и сулфурната киселина од процесите, во интерес на заштита на животната средина и со цел отстранување на грижите на локалното население во регионот. Со внимание беа разгледани и економските параметри кои покажуваат дека оваа инвестиција и работата на рудникот ќе учествува со 3% од БДП во Македонија, и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, со отворање на 500 директни и 2700 индиректни вработувања за граѓаните од овој регион“, соопшти Владата.

На средбата, премиерот изнел неколку заклучоци кои биле поздравени од присутните, меѓу кои тоа дека сите засегнати страни имаат заедничка цел, да се отстранат ризиците и стравовите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните.

Меѓу заедничките заклучоци од состанокот е и најавата за формирање на независно мониторинг тело што ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази.