Конте одговори на изјавите за политичката заднина на помошта од Русија

Италијанскиот премиер Џузепе Конте ги оцени како „крајно навредливи“ изјавите дека Русија наводно поставила услови за да ѝ помогне на Италија, земјата којашто е една од најпогодените во светот од коронавирусот.

„Тоа е навреда за италијанската влада, да се мисли дека помошта, којашто ние ја добиваме од Русија, Кина или од други земјим, може да влијае врз геополитичката позиција на Италија. Ова е голема навреда, не само за мени, туку и за Владимир Путин“, изјави Конте во интервјуто за британскиот сервис BBC.

Италијанскиот премиер истакна дека не постојат никакви политички мотиви во она што се случува во справувањето со коронавирусот.

„Со него (рускиот претседател Путин) имавме долг телефонски разговор, и тој никогаш не сакаше да го искористи тоа како алатка за притисок, кога покажуваше солидарност со Италија. За тоа никогаш не го прашувавме, па дури и не размислувавме“, заклучи Конте.

Претходно италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи Ди Мајо, ја нарече руската медицинска помош гест на солидарност.

Претходните денови италијанскиот весник La Stampa објави серија написи во кои „високи извори“ ја доведуваат во прашање транспарентноста на руската мисија, а и тврдат дека 80 отсто од опремата не била корисна. По руската реакција, редакцијата на весникот одговори дека весникот го следи „принципот на непористрасност и објективност во покривање на настаните од сите нивни апсекти“, како и дека цитирале „некои извори“.

Од 22-ри до 25-ти март во Италија слетаа 15 воени товарни авиони од Русија, со кои покрај опремата за дијагностика и системи за масовна дезинфекција пристигнаа и 100 руски воени виролози и специјалисти од областа на епидемиологијата, како и осум големи екипи составени од лекари и медицински сестри.

Руските екипи се анагажирани во една од најпогодени области во северна Италија, во градот Бергамо и неговата околина.

Италија со околу 17.600 жртви е водечка во светот, а бележи речиси 140.000 заболени. Ја следат Шпанија со 14.792 починати, Франција со 10.869 и Велика Британија со 7.097 починати од коронавирусот.