Континуитет на индексот на перцепција на корупција во Македонија

Во повеќе наврати овие години во моите колумни сум пишувал за Индексот на перцепцијата на корупцијата во Македонија. A, резултати за подобрување нема во делот на перцепцијата на корупцијата во Македонија. Македонските власти и институции декларативно се залагаат за борба против корупцијата. Така, по меѓународниот индекс за перцепција на корупцијата во светот  по Транспарент Интернешенел за 2022 година, Македонија е на 85-то место од 180 од земјите во светот. Пред нас се Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора, Косово, а нашата земја Македонија е во друштво со Суринам, Индија, Малдиви, Гвајана и Тунис. После нас е Албанија и Србија. Како што изјавуваат одговорните од Транспарент Интернешенел Македонија, дека: „Резултатот е загрижувачки. Покажува недостаток на интегритет и почитување на законите како и пад на демократските процеси“.

Или како што покажуваат резултатите на глобалното истражување на Галуп Интернешенел (ГИА) на тема миграција, дека  повеќе од 40 отсто од Македонија би се иселиле од државата. Загрижувачки состојби во Македонија.

Која е перцепцијата за нашето  македонско општество

Македонското општество е општество на многу незнаење, неискуство, произволност и импровизации, општество каде зборот демократија од толку многу повторувања губи од своето значење или добива пејоративен призвук.

Нашата држава не е демократична, од причина што демократијата тесно ја поврзуваат со вредностите на еднаквост и слобода, правда и правичност. Барањето за демократија за еднаквост е протест против неправдата, незаслужените и неправедни нееднаквости кои се јавуваат толку многу често во Македонија. Таа демократија не ја перцепирам во Македонија.

Во денешни услови не може да зборуваме за демократија, слобода или еднаквост, затоа што сметам, дека на поединецот му е одземена можноста да се однесува во склад со својата волја, да размислува самостојно, гласно и поразлично. Особено последниве години, кога постојат вистински случаеви на луѓе кои осмелувајќи се да се конфронтираат со власта или поразлично гласно да размислуваат се шиканираат, омаловажуваат, им се врши психичка тортура, се затвораат.

Кај нас постои видно едноумие, а демократите никогаш неможат да функционираат нормално кога критичките гласови се замолчуваат. Поради тоа, за да се обезбеди еднаквост и слобода, неопходно е владеење на правото.

Укажувањето на потребата од заштита и унапредување на основните човекови слободи и права е иманентна за поимот владеење на правото, како и потребата од постоечка ограничена државна власт, поделена на извршна, судска и законодавна заради неможност за сконцентрираност на власта во рацете на само еден државен орган и неговото самоволие. Меѓутоа, кај нас не постои тоа чекин баланс туку постои изразито мешање на интеграциите и токму затоа на моменти добивам впечаток дека и судската и законодавната и извршната власт се  е сконцентрирана во рацете на само една власт ИЗВРШНАТА.

Велат дека независноста на судството и непристрасноста придонесува  на судските одлуки има посебна улога во афирмацијата на владеењето на правото од проста причина – заради остварување на можноста за обезбедување на правна сигурност и законитост, а со самото тоа и поефикасно по подобро остварување на правниот поредок.

Во Македонија постојат монтирани судски случаи, нарачани судски пресуди, нееднаков судски третман, нееднаквост пред законите и Уставот, неправичност. Која правда? Кое владеење на правото, каква правна држава?!.

Во својата суштина, терминот правна држава пак инсистира на супрематијата на правото и на легалитетот во дејствувањето на државните органи, осврнувајќи се на предимството на правото во однос на државната власт. Нејзините заложби за заштита на човековите  слободи и  права ја отсликуваат нејзината цел за неповредливост на тие права преку ограничување на државната интервенција и мешањето на државата во приватната свера на граѓаните-дефинициски кажано.

Правната држава настојува да преставува радикална спротивност кон полициската држава и држава на самоволие, во која поединецот живее постојано надгледуван „од горе“. Е кај нас постои радикална спротивност и извртување на ова дефиниција.

Полицијата во Македонија, секојдневно ја демонстрира својата моќ и ја зацврстува својата позиционирана улога во кршењето на човековите слободи и права, заборавајќи на својата примарна улога.

Правото не му служи на поединецот за понатамошно развивање на неговите способности и остварување и задоволување на неговите интереси, напротив, честопати правниот поредок дејствува репресивно и деградирачки за граѓаните. А ние бидејќи не  „вежбаме“ непослушност, се покоруваме на лошите закони без да дадеме отпор. Поентата ми е дека живееме во полициска држава, не во правна. Само тоа никаде не го пишува. А мојата перцепција е токму тоа.

Тоа значи, општествената неправда треба и понатаму да се жигосува и против неа да се бориме, бидејќи работите сами од себе не се менуваат.  Време е да научиме дека демократските навики не се наследни, туку дека треба да се практикуваат од секоја генерација. Факт е дека ни е потребен мир и безбедност, натамошен развој на демократијата, вистинско владеење на правото и правната држава, економски развој, социјална правда, заштита на животната средина посебно сега ни треба чист воздух во огромни количини. Ова треба да биде предизвик на нашата држава доколку сакаме да успееме на нашиот интеграциски пат во Европската Унија.

Ако сакаме иднина на нашата држава треба да ги примeнуваме и практикуваме со вредностите на демократијата-еднаквоста, слободата и правдата.

И никогаш, ама баш никогаш да не замолчуваме пред неправдата, бидејќи првиот момент на смртта доаѓа во моментот кога ќе замолчиме. А за да не замолчам ќе истакнам што сум пишувал:

Континуирано продолжуваат загрижувачките состојби во македонското општество

Од извештајот објавен од Транспарент Интернешенл Македонија, за Индексот за перцепција на корупцијата (ИПК) во 2019 година, Македонија  бележи назадување на рангирањето. Од опфатени 180 држави, Македонија е пласирана на 106 место. Во 2018 година, државата беше на 93-то место, а во 2017 година сме биле на 107-ма позиција. Како што стои во извештајот објавен од Транспарент Интернешенл Македонија, акцентот бил ставен на врската помеѓу корупцијата и политиката не само преку финасирањето на изборните кампањи, туку и воопшто преку спроведување на нечии интереси што се остваруваат преку влијание со финансирање на политиката.

Резултатите бележеа подобрување под влијание на перцепцијата работењето на СЈО или под влијание вербата и довербата што граѓаните ја имаа во работењето на таа институција. Но, резултатите покажуваат дека довербата во институциите во јавниот сектор, во политиката значително се намалува повторно. Секако влијание има и случајот Рекет врз индексот  затоа што дел од анализите и резултатите се правени во 2019 година, со што има  и намалување на ефектите од работењето на СЈО и губењето на доверба.

Резултатите од истражувањето е истражување на два економски резултати, поголем број резултати што ја мерат слободата на изразување, транспарентноста, демократијата и индексот на владеење на правото. Укажува на тоа дека постои намалување во сите резултати.

Треба да се истакне следното, што треба да го знаат сите чинители во нашава држава дека, не е доволно само да се мени името, за да се добие датум за преговори, како што ги убедуваа и ги убедуваат  македонските граѓани од Владата, а во се друго се заостанува, нема реформи во правото, правниот и судскиот систем, образованието, здравството, економијата, царува корупцијата, криминалот и непотизмот во нашиот македонски систем.

Главната порака од Транспарент Интернешенл Македонија е дека треба да се менаџираат и контролира судирот на интереси, да се контролира финансирањето во политиката, да се зајакне интегративноста во политиката и на изборите и да се сузбива повластениот третман во сите свери. Во годините што престојат неопходни се натамошни суштински реформи во сверата на борбата против корупцијата.

Во однос на нивото на корумпираноста во регионот најдобро рангирана по Индексот перцепција на корупција е Р.Словенија на 35-то место, а најлошо рангирана е нашата држава 106 место, додека Р.Хрватска е на 63 место, Р.Црна Гора на 66, Р.Бугарија на 74 место, Р.Србија на 91 место, Косово и Босна и Херцеговина се на 101 место.

На Индексот перцепција на корупција на скалата од 0 до 100, највисоко рангирана и годинава се Нов Зеланд со 87 индексни поени, Данска 87, Финска 86, Швајцарија и Сингапур 95 и Шветска со 85, најниско рангирани истотака и лани е Сомалија на 180 позиција со 9 индексни поени, а пред неа се Јужен Судан, Сирија и Јемен. (види https://www.transparency.org.mk/).

Што пишува економскиот магазин „Економист“за Македонија

Според магазинот „Економист“ состојбата е загрижувчка: „ над 44,7 отсто од младите луѓе во земјава се  невработени, тие се повеќе одлучуваат да мигрираат во развиените земји. Македонија веќе остана без четвртина од своето население, додека ова тенденција може да се зголеми имајќи ги во предвид искажаните желби на младите студенти дека сакаат да ја напуштат државата по завршувањето на студиите“. Амбасадорката на САД во Македонија Кејт Мари Бриз, на една од македонските телевизии изјави: „Она што ме загрижува во врска со младите е негативноста со која се опкружени и не само негативни гласови и притисоци, туку вистински пречки како што е корупцијата, недостатокот на можности и пречки за остварување на визијата која што ја имаат за себе“.

Како што понатака објавува „Економист“ – „Македонија се наоѓа на третото место во светот според стапката на невработеност на млади луѓе од 15 до 24 години. Само Јужна Африка со стапка на невработеност кај младите од 52,9 отсто и Босна и Херцеговина со 46,7 отство се пред Македонија, ова е поразителна статистика која што го објавува „Економист“. Македонија е трета во светот со стапка на невработеност од енормни 44,7 проценти.

Во земјите во регионот, Србија е позиционирана далеку подобро од Македонија, односно 16 места подобра, на 19-тото место со стапка на невработеност кај младите  од 32,1 отсто, Албанија е 21-ва со 31 отсто, Црна Гора 26-та со 29,1 отсто, Хрватска на 34-та со 25,5 отсто“.

За напред наведените загрижувачки состојби во нашава македонска држава на овој план ќе ја цитирам изјавата на претседателот Стево Пендаровски „Да не сум претседател, и јас би се иселил од својата држава, која просечна плата во земјата е 400 евра“ изјавена на Регионалниот форум на млади лидери во Нови Сад (2019).

На ова што да се каже, безперспективност за младите. Кога гледаат дека не функционираат правните институции, кога царува криминалот и корупцијата во секој сегмент од општесвеното живеење и делување.

Индексот за перцепција на корупција (ИПК) за 2020 година

Од извештајот објавен од Транспарент Интернешенл Македонија, за Индексот за перцепција на корупцијата (ИПК) во 2020 година, Македонија бележи најниски резултати  и најниско рангирање. Македонија се наоѓа  на 111 место со 35 поени од вкупно рангираните 180 држави од целиот свет. Во последниве две години 2019 и 2020 година бележи пад од 106 место на 111 место. Пред нас се сите регионални држави Словенија, Хрватска, Црна Гора Бугарија, Србија, Косово и Албанија, задно сме со Босна и Херцеговина на 111 место. Еј,моја Македонијо 111. Како што стои во извештајот објавен од Транспарент Интернешенл Македонија, акцентот бил ставен во коруптивноста  на институциите во Македонија, коруптивноста на судството, високата корупција и недопирливи  за органите за прогон, партизирање и пазарење  во постапките  за вработување и обезбедување на конкурентност и подеднакви услови за сите при вработување, со цел ефикасна администрација која ќе биде професионална и компетентна до степен да обезбеди понатамошен развој на државата и континуитет за интеграција во ЕУ.

На напред наведеното од македонското преставништво на Транспарент Интернешенл Слаѓана Тасева изјавува: „ Ова рангирање е историски  најлошото досега откако се мери во земјава“. А за арогантниот вицепремиер Николовски на Владата на Македонија одреден за гонење на корупција потценувајќи ги граѓаните ќе рече:„ не пораснала корупцијата, тоа е само перцепција на граѓаните“. Еве една недоветна изјава на еден недоветен функционер задолжен да ја води борбата за корупција. За разлика од него Холанскиот амбасадор во Македонија ја изразува згриженоста на големата коруптивност во земјава.

Корупцијата продолжува во Македонија

Пипците на политичката корупција го задушуваат граѓанинот овде и се обидуваат да воспостават власт на корупцијата наспроти власта на граѓаните!

Подолг период ги следам негативните појави поврзани со корупцијата во образованието, при што имам напишано бројни колумни, анализи (пет години) за институционалниот систем во Македонија. И покрај моите пишувања за криминалот, корупцијата, непотизмот, партизирани институции, како и јавни настапи, домашните институции си ја тераат она народната: „Кучињата лаат, караванот си врви“.

Па така, отворено ги напишав книгите: “Трулеж на системот”, како и “Македонија со хибриден криминален режим”, а деновиве ми излезе ново издание„ Македонска општестваена стварност“, со што ги споделувам отворено криминалот, корупцијата, на партизирани институции во секој домен од општественото живеење.

Кога домашните институции, не превземаат ништо за функционален правен систем, почнувајќи во секоја пора од општественото живеење, кога актуелната власт, предводена од СДСМ и ДУИ и од „двајцата“ премиери Димитар Ковачевски и Али Ахмети, на виделина ни се случуваат партизирани, непотистички институции. Затоа, не случајно Македонија во Европа е на врвот според стапката на инфлација и стапката на невработеност според т.н. Индекс на мизерија во септември и е втора на листата (33,2) на Европа. Овие факти го утврдуваат економското страдање на една земја, според инфлацијата и на невработеноста и доволно зборуваат за економската беда и социјалното страдање на македонските граѓани. Загрижувачка и алармантна состојба!

Меѓународните институции, констатираат дека Македонија по перцепција на корупцијата и криминалот се наоѓа на високата ранг листа. Мизериите што владеат во владата по институциите, агенциите, разни второстепени владини комисии  си го гледаат само својот финансиски  интерес, а најмалку за интересот на граѓаните.

Затоа, бев принуден да се обратам до нејзината американска екселенција Анџела Агелер за запознавање за домашните институции кои не превземаат ништо за функционален правен систем во Македонија.

Американската екселенција Анџела Агелер јавно го критикуваше  изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК), каде што, наиде на големо одобрување од сите македонски граѓани, ама сигурно не од носителите на извршната, законодавната и судско-обвинителстата власт.

Со право американската екселенција вели дека: „граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото  нема место во овие постапки“. И со право истакнува дека: „резултатите се збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милионски долари за обука на обвинители и други  во правосудниот систем“.

Почитувани читатели!

Еве, како политичко – непотистички работи Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“-Скопје, а кои синови, ќерка, зет се избрани кандидати во  2022 година . Од страна на политичката партија ДУИ се: од судијата во Виш управен суд Субхи Јакупи-неговиот син  Илир Јакупи, од судија во Апелација  Енвер Беџети-неговиот син Јетмир Беџети, од  нотарот, Екс директор на Биро за јавни набавки Алмир Садики-неговиот зет Исмаил  Исени, претседател на Собрание Таљат Џафери-неговиот син  Барлет Џафери.

Од страна на политичката партија СДСМ се:  од обвинителот ОЈО ГОК Елизабета  Јосифовска –нејзиниот син  Драган Јосифовски, од претседател на судски совет Киро Здравев-неговиот син  Зоран Здравев, од претседател на совет на обвинители Антонио Колевски-неговиот син  Иван Колевски, од обвинител ОЈО ГОК Гордана Смаќоска-нејзината ќерка Билјана Смаќоска. Е, вака работи почитувана екселенцијо, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“-Скопје. Па затоа довербата во правосудскиот систем, од македонските граѓани  е една голема НУЛА (zero).

Скандали кој се обелодени, го потврдува моето пишување за криминалот, корупцијата, непотизмот, како и судир на интереси.

Деновиве јавно се објави по порталите дека и синот на Народниот правобранител Насер Зибери, Фламур Зибери предвремно седум месеци  полагал правосуден испит, кој му овозможил тогашниот министер за „правда“ Билен Салиу!!!

Како и за  синот на Таљат Џафери-претседателот на Законодавниот дом, положил правосуден испит пред да дипломира, утврдила Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Што е противно на Законот и условите и начинот на спроведување на испитот. Иронијата да биде поголема ДКСК неможе да  отвори предмет за случајот Барлет Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата??!!. Иако документацијата е од траен карактер. Скандал! Ова е организиран криминал, каде што има и судир на интереси, каде што членот на ДКСК Нури Бајрами е баџанак (жените се сестри) со Таљат Џафери. Притоа, покрај магистрирање на еден правник, за да полага правосуден испит доколку е магистер истиот треба да има доказ дека една година има практика кај адвокат, нотар, извршител, суд или друго правно лице!!! Поткопан е правосудниот систем и тешко дека оваа состојба може за брзо да се нормализира!

И сега, наместо ДКСК и нејзиниот претседател Билјана Ивановска, да побара објаснување и одговори од Академијата за судии и јавни обвинители, каде што одговорна е Наташа Габер  Дамјановска, ДКСК и нејзиниот претседател Билјана Ивановска, смешно, ама вистинито за овој организиран криминал, предметот ќе го затвора?!

Нормално,  перцепцијата  за работата на институцијата ДКСК, која го затвора предметот е на линија со корупцијата и тргувањето со влијание. Со право македонските граѓани велат и ДКСК е соучесник во криминалот и корупцијата.

Да биде трагедијата поголема Министерството за правда, дава соопштение дека: „ Барлет Џафери положил правосуден испит на 05.02.2015 година, а  потписникот за  положениот испит  го ставил тогашниот министер Аднан Јашари“.

Наместо ДКСК и претседателот Билјана Ивановска, побара одговор од поранешниот министер Аднан Јашари, тој  прети на новинар да го повлечат текстот кој е објавен и да се извинат. Пази ,пази, претење кон новинар?

Па така, сега во декември, синот на првиот човек на законодавниот дом, треба да ја заврши Академијата на судии и обвинители, и се очекува да потполни некое од испразнетото судиско или обвинителско место.

Зошто барам оставка од министерот за правда Тупанчевски!

Настаните поврзани со организираниот криминал во кои се инволвирани вработени на Универзитетот Југоисточна Европа во Тетово во кои се издадени над 400 дипломи од Правниот факултет со завршени 180 кредити на кои им се признава статус како да завршиле четиригодишни студии-VII степен  и вториот случај поврзан повторно со вработени во тој универзитет и поранешната Комисија за полагање правосуден испит и службеници од Министерството за правда на чело со тогашниот министер Атнан Јашари. И по овој повод,  доставен е писмен  допис бр.02-3283/1 од 05.12.2022 година, до Министерот за правда Никола Тупанчевски, со барање да формира Комисија со која сите решенија издадени од Министерството за правда за добивање на лиценца за положен правосуден испит се поништат како незаконити. Што е повреда на владеење на правото. Ако  министерТупанчевски го премолчиш ова, тогаш правиш противправно дело идентично на поранешниот министер.

За непревземање на активности, подобро е да си поднесеш неотповиклива оставка!.

Затоа, ја известувам, почитувана амбасадорка Анџела Агелер, воопшто да не биде изненадена ако синот на првиот човек на законодавниот дом, биде десна рака на Ислам Абази за гонење организиран криминал и корупција. Тоа може да се случи по наредба на Али Ахмети. Тоа и се очекува од оваа исполитизирана Академија на судии и јавни обвинители, во оваа моја Македонија.

Почитувана екселенцијо, ова е само еден мал момент од криминалните, непотистички и нефункционални институции во Македонија!.

Затоа, почитувана екселенција Анџела Агелер, потребно е да се заложите  со обвинителството во Македонија да раководи европскиот јавен обвинител Лаура Ковеси, каде што Законот ќе биде  еднаков за сите.

Промени, промени, промени!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.