21.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Контра-(р)еволуција

Една од првите работи кои ги прави оној кој спровел успешна револуција во еден општествен систем, е да осигура одржливост на она што го воспоставил, а една од техниките за да го спречи рушењето на она што го изградил, е да спречи појава на било какво движење, односно опозиција, кое со тек на време би довело до одредена контрареволуција.

Вака изложената теоретска поставка, изгледа совршено логичка и прагматичка, бидејќи нели, секој верува во исправноста и оправданоста на сопствената револуција. Дури и ако причините за првичното кревање на револуцијата биле тотално фиктивни и манипулативни од старт, методите и техниките кои се користеле за изведба на револуцијата биле диригирани („ајмо звиждаљке“) и анархистички, а резултатите од револуцијата (што всушност е општеството кое се добило по успешната револуција и кое треба да ги прикаже сите одлики на успешно функционирање, правдина, правичност и добро владеење, за разлика од претходното) се катастрофални и на работ на очајот. Верувам дека сите читатели на оваа колумна, во овие редови ќе ја препознаат лажната и дебело платена Шарена Револуција, но и денешната состојба на нашето општество. Но, не би сакал да продолжам на оваа тема, бидејќи во нашата држава ретко на кого денес не му е јасно која беше целта на таа платеничка револуција и каков е епилогот од сета таа исклучително негативна (и по спроведување и по резултати) општествена појава.

Она на што би сакал да посветам внимание, и јасно и недвосмислено да ги посочам, се орвеловските тактики со кои се користи моменталната власт со цел да си обезбеди долговечност и отсуство на критика, за да може да продолжат и понатаму тендерите, стипендиите, иновациите, лажните заложби, прозирните изговори, но и уништувањето на конструктивната критика, слободната мисла и слободата на говор. Методите кои се користат за да се неутрализира било какво движење на отпор кон власта се немилосрдни и треба да ги постигнат следниве цели:

Да се парализира слободоумното размислување и дејствување кај граѓаните, и преку постојана медиумска пресија да се убедуваат граѓаните во „едната“ вистина, која ја пропагира моменталната власт;

  • Да се презасити медиумскиот простор со голем број на содржини позитивно настроени кон власта, со цел да се оствари информациска доминација во средствата за јавно информирање и социјалните мрежи;
  • Да се внесе страв и немир кај критичарите на штетните политики на власта, преку нивен прогон и фабрикувани обвиненија;
  • Да се обезбеди анемија на опозицијата, преку нејзино внатрешно и надворешно вознемирување, и постојана негативна медиумска изложеност, и да се доведе опозицијата во состојба на постојана политичка репресија;
  • Да се предизвика апатија кај граѓаните и прифаќање на исклучително тешката состојба, со цел да се доведат до состојба на незаинтересираност за општествените случувања;
  • Да се покаже подготвеност и способност за репресивно дејствување, со цел да се заплашат граѓаните и политичарите. Ова се прави преку дејствата на обвинителствата и полицијата, кои ќе треба преку фингирани и фабрикувани обвиненија, да поднесуваат кривични пријави, а потоа судовите да одредуваат драконски казни, кои ќе треба да остварат заплашувачки ефект врз народните маси и размислување во стилот „подобро да не си ставам здрава нога во трн“.

Врвен приоритет на Заев, Спасовски, УБК и „Кацарска“ судството е да се спречи било кое консолидирање на опозицијата и да се спречат форми на искрен граѓански активизам, кој би можел да добие форма на контра-револуција и нормализирање на нашето општество.

За жал, наместо да ја искористат моменталната шанса дури се на власт и да пробаат да го убедат народот дека не му е потребно контрареволуција и дека еве тие, кои се на власт, работат за доброто на граѓаните и да покажат резултати од таквата работа, тие сепак веруваат дека најдобар начин да ја задржат власта е преку репресија врз опозицијата, на буквално истиот начин на кој во моментов арапските држави спречуваат појава на било какво опозициско движење, кое би било слично со оние од ерата на арапската пролет.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.