Контроли за надоместоци за попреченост, помош од друго лице и детски додаток по завршување на вонредната состојба

По службена должност ќе се продолжи правото на надоместоци  за попреченост и за помош и нега од друго лице на сите корисници на овие права кои требало да остварат контролен преглед за време на вонредната состојба, информира денеска дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ.

На он лајн прес-конференција Шкриељ соопшти дека контролниот преглед ќе може да се реализира во рок од два месеца од завршување на вонредната состојба.

-Сo последната измена на Уредбата за заштита во вонредна состојба сите оние лица кои го користат надоместот за попреченост и правото помош и нега од друго лице кои требаше да остварат контролен преглед во овој период во траење на вонредната состојба нема да има потреба да го направат тоа, туку по службена должност ќе им се продолжи правото, контролниот преглед ќе може да  го реализираат во рок од два месеци по завршување на вонредната состојба. Ова е направено и со цел да се помогне на овие наши ранливи граѓани  меѓутоа и да ги заштитиме корисниците од потребата да собираат дополнителна документација во овој период, рече Шкријељ.

Додаде дека битна измена донесена со оваа Уредба се со цел да се забрза процесот на постапување и решавање на предметите е тоа што центрите за социјална работа ќе ги решаваат само врз основа на доставена документација и документацијата што се обезбедува по службена должност.

На сите деца корисници на правото на посебен додаток, а кои требало за време на вонредната состојба да се упатат на контролен преглед, по службена должност центрите ќе им го продолжат правото.

-Со измени во уредбата на Законот за детска заштита, во вонредна состојба сите деца коишто се корисници на правото на посебен додаток, а требало во периодот  на траењето на вонредната состојба  да се упатат повторно на контролен преглед, по службена должност центрите ќе им го продолжат правото. Истите контролни прегледи  ќе се реализираат во рок од два месеци по завршување на вонредната состојба. Образовниот додаток на децата ќе продолжи да се исплаќа на сите корисници и во третиот и четвртиот квартал  без разлика што во периодов имаме  прекин на редовната настава како  дополнителна поддршка за децата од  најранливите семејства.

Дополнителната заменик министерка информира и дека во соработка со УНИЦЕФ се обезбедуваат пакети за сите семејства кои живеат во супстандардни услови, но и за особено ранливи категории, како што се самохраните семејства и жртвите на семејно насилство.

– Сервисите функционираат непречено и за време на полициски час. МТСП во изминатите две и пол години ја зголеми пристапноста на сервисите, така што навистина би сакала  да упатам апел и да ги охрабрам сите жени  односно сите кои се соочуваат со некакво насилство во рамки на своето семејство, да пријават. Службите постапуваат ,имаат дозволи за непречено движење и за време на  полициски час и ќе излезат во пресрет на нивните потреби, рече Шкријељ.