Контроверзниот писател Уелбек го прими орденот Легија на честа

Претседателот Емануел Макрон му го врачил највисокото француско признание на контроверзниот романописец на бестселери Мишел Уелбек, како „камшикот на естаблишментот“ поради неговите огорчени осуди на модерна Франција.

Макрон одликувањето Легија на честа му ја врачил на Уелбек на свеченоста одржана доцна вечерта во четвртокот во Елисејскиот дворец, објавуваат во петокот париските медиуми. На дискретната свеченост присуствувале познати личности од издаваштвото и политиката, а меѓу нив и поранешниот конзервативен претседател Николас Саркози, пејачот Жан-Луј Обер кој изведува песни на Уелбек, како и францускиот филозоф Ален Финкелкрот.

Претседателот Макрон за 63-годишниот писател со вистинско име Мишел Тома рекол дека е „романтик во материјалниот свет“, и додал дека неговите романи не се песимистични, туку полни со надеж во општеството на коешто столбовите, како што се културата и религијата, станале многу кревки.

Уелбек некои го сметаат за најистакнат романописец во татковината и во светот, но истовремено е еден од најконтроверзните. Неговиот последен роман „Сератонин“, за зависник од алкохол и депресивен службеник на министерство за земјоделство во Париз кој го открива очајниот живот на рурална Франција, стана бестселер веднаш штом беше кон крајот на минатата година.

Критиката го пофали како „пророчки“ роман образложувајќи дека Уелбек, возрасниот „анфан терибл“, со овој роман го предвидел протесното движење Жолти елеци кое ја тресе Франција од крајот на 2018 година.

Претходниот роман на Уелбек под наслов „Покорување“, објавен на денот кога џихадисти го изведоа смртоносниот терористички напад на редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo на 7-ми јануари 2015, предвидува дека Франција ќе избере муслиман за престседател и ќе воведе шеријатско право.

Наградуваниот француски романописец се прослави со нихилистичките романи во кои протагонисти се мизогони мажи без љубов, зависни од попатниот секс.