КОНВЕНЦИЈА НА ВМРО ДПМНЕ: Кој од Струга утре ќе си замине како претседателски кандидат?

Повеќе од 550 кандидати утре на Конвенцијата на ВМРО ДПМНЕ во Струга со тајно гласање ќе пресечат кој ќе биде претседателски кандидат. Под мотото „За честита Македонија“ делегатите од опозициската партија ќе бираат меѓу деветмината претенденти.

Во изминатите две недели се водеше внатрепартиска битка за доверба од делегатите. Секој од кандидатите имаше можност да се претстави пред месните и општинските комитети и да презентира своја визија и програма за тоа како би ја извршувал претседателската функција.

Професорката Гордана Силјановска Давкова и пратеникот Влатко Ѓорчев важат како најсериозни кандидати. Се очекува токму меѓу нив двајца да бидат поделени најголеми број од гласови од делегатите.

Во овој издвоен дуел предност и се дава на професорката од Правниот факултет. Според политичките аналитичари, професорката како натпартиски кандидат, со јасни ставови по однос на промената на името, законот за јазици е кандидат кој на партијата ќе и’ ги зголеми шансите за победа на претседателските избори.

На средбите со партиските членови и симпатизери таа најави „независни и македонски ставови“ доколку биде избрана за претседател.

Професорката поднесе кандидатура до ВМРО ДПМНЕ откако беше повикана од 30-тина нејзини колеги кои во отворено писмо до неа наведоа дека „на Македонија ѝ е итно потребен здружен опозициски блок, кој ќе ги обедини сите граѓански и интелектуални капацитети“.

 

Листа на кандидати за избор на кандидат за претседателските избори

  • Никита Шекутковски, Доктор на математички науки и редовен професор на Природно математичкиот факултет во Скопје, член на Институтот за математика.
  • Ѓорѓи Манасков, машински инженер и Претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија.
  • Васко Костов, фармацевтски техничар.
  • Влатко Ѓорчев, правник, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на  Извршен Комитет  на ВМРО-ДПМНЕ.
  • Гордана Силјановска Давкова, редовен професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, член на Институтот за правни и политички науки, катедра за уставно право и политички систем.
  • Илија Димовски, професор во пензија на Шумарски факултет при УКИМ  во Скопје.
  • Филип Петровски, Д-р на политички науки и поранешен директор на Државниот Архив на Република Македонија.
  • Горан Ангелов, правник, поранешен градоначалник на општина Виница во два мандати и Претседател на ЗЕЛС во еден мандат.
  • Сашо Кутлешовски, Д-р по земјоделски науки.