Координација меѓу ЕУ и западен Балкан поради мигрантите

Портпаролот на високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Петер Стано, изјави во понеделникот дека контактите и координацијате на Брисел со земјите од западен Балкан се подразбираат кога станува збор за одговорот на новиот бран мигранти кои се обидуваат да влезат во Европа преку Турција.

„ Во контакт сме и се усогласуваме со земјите од западен Балкан, особено со оние што се во процес на пристапување“, рече Стано.

Потсети дека земјите од западен Балкан беа меѓу првите кои беа погодени од мигрантскиот бран во 2015 година и оти од тогаш до денес е развиена добра координација и соработка, и дека земјите од регионот редовно добиваат поддршка од ЕУ.

Портпаролот на ЕУ, исто така, рече дека министрите за надворешни работи на ЕУ неделава ќе се состанат на вонреден Совет во Брисел за да разговараат за понатамошните чекори на ЕУ, пред се во обидите да се запрат воените акции во северозападна Сирија и сириското прашање да се врати на дипломатска маса под покровителство на ОН.