КОП26 го одржа 1,5C во живот и го финализираше Парискиот договор

КОП26 заврши во Глазгов, при што речиси 200 земји се согласија на Климатскиот пакт од Глазгов за одржување на 1,5C степени во живот и финализирање на извонредните елементи од Парискиот договор.

Климатските преговарачи ги завршија двонеделните интензивни разговори во саботата со консензус за итно забрзување на климатските акции.

Климатскиот пакт од Глазгов, во комбинација со зголемените амбиции и акции од земјите, значи дека прагот од 1,5C останува на повидок, но ќе биде реализиран само со заеднички и непосредни глобални напори.

Климатскиот пакт од Глазгов ќе го забрза темпото на климатските активности. Сите земји се согласија да ги ревидираат и зајакнат своите тековни цели за емисиите до 2030 година, познати како Национално определен придонес (НОП), во 2022 година. Ова ќе биде комбинирано со годишната политичка тркалезна маса за разгледување на глобалниот извештај за напредокот и Лидерскиот самит во 2023 година.

Парискиот правилник, насоките за тоа како се спроведува Парискиот договор, беше комплетиран денес по шест години дискусии. Со тоа ќе се овозможи целосно спроведување на значајниот договор, по договорот за процесот на транспарентност кој ќе бара од земјите отчетност паралелно со исполнувањето на нивните цели. Тоа го вклучува членот 6, кој воспоставува цврста рамка во која земјите ќе може да разменуваат кредити за јаглерод преку УНФЦЦЦ.

И за прв пат, слушајќи ги повиците од граѓанското општество и земјите кои се најранливи на климатските влијанија, КОП постигна договор за акцијата за постепено укинување на фосилните горива.

Одлуките на КОП отидоа подалеку од кога било досега во препознавање и справување со загубите и штетите од постојните влијанија на климатските промени.

Исто така, имаше заложби за значително зголемување на финансиската поддршка преку Фондот за адаптација земајќи предвид дека развиените земји беа повикани да ја удвојат својата поддршка за земјите во развој до 2025 година.

Конечниот текст на КОП26 следи по две години интензивна дипломатија и кампања преземени од Претседателството на Обединетото Кралство за зголемување на амбициите и гарантирање на акцијата од речиси 200 земји.

Работата се фокусираше на краткорочното намалување на емисиите за ограничување на порастот на температурата до 1,5C, преку мобилизирање на јавните и приватните финансиери и поддршка на заедниците во прилагодувањето на влијанијата врз климата.

Кога Обединетото Кралство се зафати со КОП26, во партнерство со Италија, пред речиси две години, само 30% од светот беше покриен со нулта емисија. Оваа бројка сега е околу 90%. Во истиот период, 154 страни поднесоа нови национални цели, што претставува 80% од глобалните емисии.

Претседателството на Обединетото Кралство, исто така, беше фокусирано на поттикнување на акција за намалување на емисиите. Видовме огромна промена со јагленот, при што многу повеќе земји се обврзаа постепено да ја исфрлат струјата од јаглен и да го прекинат меѓународното финансирање на јагленот.

Заедно со ова, видовме изразена посветеност за заштита на скапоцените природни живеалишта, каде што во случајот на 90% од светските шуми 130 земји ветија дека ќе стават крај на нивното уништување до 2030 година.

Додека на светските патишта, транзицијата кон возилата со нулта емисија на штетни гасови се зголемува, при што некои од најголемите производители на автомобили работат заедно продажбата на сите нови автомобили да биде со нулата емисија до 2040 година и до 2035 година на водечките пазари. Земјите и градовите го следат примерот со амбициозните датуми за отфрлање на автомобилите на бензин и дизел.

Сегашните политики ќе не остават на пат кон катастрофален пораст на температурата. Но, работата на независните експерти кои ја спроведуваат анализата за Следење на климатските акции [Climate Action Tracker] покажува дека со целосна имплементација на новите колективни обврски може да се одржи пораст на температурата до 1,8C.

Дури и со акцијата извршена и за време и пред КОП26, заедниците ширум светот ќе продолжат да го чувствуваат влијанието на нашата планета која се менува.

Осврнувајќи се на задачата што претстои, претседателот на КОП26, Алок Шарма рече:

„Сега можеме со кредибилитет да кажеме дека ги одржавме 1,5 степени во живот. Но, нивниот пулс е слаб и ќе опстане само ако ги исполниме нашите ветувања и ги преточиме обврските во брза акција. Благодарен сум на УНФЦЦЦ што соработуваше со нас за да обезбедиме успешен КОП26.

Оттука, сега мораме да одиме напред заедно и да ги исполниме очекувањата наведени во Климатскиот пакт од Глазгов и да ја затвориме огромната празнина што останува. Бидејќи, како што ни рече премиерката Миа Мотли на почетокот на оваа конференција, за Барбадос и за другите мали островски држави, „два степени се смртна казна“.

Од сите нас зависи дали ќе ја одржиме нашата ѕбезда водилка од 1,5 степени на дофат и да продолжиме со нашите напори да обезбедиме финансии и да ја зајакнеме адаптацијата. По колективната посветеност што ја донесе Климатскиот пакт од Глазгов, нашата работа овде не може да биде залудна.“