Копенхашката полиција објави фото од осомничениот за експлозијата пред полициска станица

Полицијата на данската престолнина Копенхаген во саботата претпладнето на својот профил на Twitter објави фотографија од осомничен за предизвикување на експлозија во полициска станица во областа Норебро.

На снимката направена со помош на надзорните камери, силуета на маж е свртена со грб кон објективот. Лицето е целосно облечено во црно, на главата има качулка. Во раката тоа држи пластична кеса од супермаркет.

„Осомничениот сторилте е маж на вораст од 15 до 25 години, висок 179 до 180 сантиметри, со средна телесна градба“, се вели во соопштението на сајтот на копенхашката полиција.

Експлозијата се случила околу 4 часот по локално време. Ударниот бран од детонацијата делумно ги искршил прозорците и стаклената врата на објектот, но за среќа нема настрадани.

Ова е втор ваков инцидент во последната седмица во Копенхаген. Во вторникот екслозија силно ја оштети зградата на Даночната управа на Данска во копенхашкиот кварт Нордавн.

Засега никој не ја презема одговорноста за двете експлозии, за кои не се знае дали се меѓусебно поврзани. Полицијата, исто така, засега не посочи осомничени за инцидентите.

Сериозни напади и насилства се реткост во оваа мала нордиска земја со 5,7 милиони жители, којашто се гордее со реномето што го има поради безбедноста и социјалната толеранција.