Корбин вели дека ќе биде неутрален ако има втор референдум за брегзитот

Челникот на британската опозициска левичарска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјави во петокот дека ќе остане неутрален доколку биде распишан втор референдум за истапувањето на Обединетото Кралство од членството во Европската унија, по силните притисоци последните денови да се изјасни која страна би ја заземал при ваква евентуалност.

Џереми Корбин се кандидира за британски премиер на предвремените парламентарни избори закажани за 12-ти декември кои ги свика неговиот конзервативен лидер, премиерот Борис Џонсон, кој посакува да се стави крај на блокадата во парламентот околу начинот на раздружувањето на земјата со ЕУ.

Додека Џонсон сака да го имплементира договорот кој веќе го постигна со Брисел и да излезе од Унијата до 31-ви јануари, планот на лабуристите е да се испреговара нов договор за брегзитот во рамките на три месеца по преземањето на власта, и на втор референдум да им овозможат на Британците да се решат дали ги поддржуваат тој договор или сакаат да останат во Унијата.

„Доколку во тој период бидам премиер, ќе заземам неутрален став, за да можам доследно да ги спроведам резултатите од тој референдум“, изјави Корбин за британскиот јавен сервис BBC TV. Лабуристичкиот лидер претходно изјавуваше дека позицијата на неговата партија ќе биде одредена на посебна партиска конвенција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.