Корбин вратен во партијата, но нема да ги претставува лабуристите во парламентот

Челникот на британската опозицска Лабуристичка партија, Кир Стармер, најави во средата дека нивниот поранешен партиски шеф Џереми Корбин повеќе нема да биде пратеник на партијата во британскиот парламент, туку ќе дејствува како независен пратеник.

Оваа информација Стармер ја објави на Twitter, додавајќи дека Корбин ќе остане парламентарен претставник, но како независен.

Објавата доаѓа откако во вторникот Корбин соопшти дека е вратен во членството на Лабуристичката партија, од кое беше суспендиран по бурниот извештај за антисемитизмот во нејзините редови.

„Одушевен сум од враќањето во Лабуритичката партија“, реагираше Џереми Корбин на Twitter и ја повика партијата „да се обедини и спротистави и да ја победи длабоко штетната конзервативна влада“.

Лабуристичката партија со години ја потресуваат инциденти и низа оставки, а беше истражувана и од независно истражно тело коешто кон крајот на октомври заклучи за „непростливи неуспеси кои настанале од недоволната желба да се сузбие антисемитизмот“.

Крајно лево ориентираниот 71-годишен Корбин беше суспендиран бидејќи изрази сомневање во некои од заклучоците од споменатиот извештај, и особено зашто ги обвини критичарите од партијата и медиумите дека го предимензионирале антисемитизмот во текот на неговото лидерство од 2015 до 2020 година.

„Делувањето на Џереми Корбин по извештајот на EHRC ја поткопува и уназадува нашата работа во обновувањето на довербата во можноста на Лабуристичката партија да се пресмета со антисемитизмот“, објави Стармер.

Додаде дека Корбин и натаму е член на Лабуристичката партија и дека ќе може да учествува на годишната партиска конференција. Стармер притоа порача дека ќе го „следи развојот на ситуацијата“.