Севернокорејскиот полуостров „е на раб на нуклеарна војна“, пред сè поради „неразумните акции“ на Соединетите Американски Држави, предупреди денес севернокорејскиот амбасадор во Обединетите нации на Генералното собрание и истакна дека поради тоа неговата земја нема избор освен да ја забрза сопствената самоодбрана.
„2023 година ќе се памети како исклучително опасна“, кажа амбасадорот Ким Сонг на последниот ден на годишното заседание на ОН на кое учествуваат лидери од 193 земји во светот.
„Неразумните акции и постојаната хистерија на САД и нивните сојузници во смисла на нуклеарен конфликт го водат Корејскиот полуостров кон воена ситуација на раб на нуклеарна војна“, кажа тој.
„Во тие околности, ДНРК (Демократска Народна Република Кореја) итно мора да го забрза развојот на своите капацитети за самоодбрана за да не биде победена“, кажа Ким пред Генералното собрание.
Северна Кореја тестираше десетици балистички ракети во последните 18 месеци, а САД одамна тврдат дека Пјонгјанг се подготвува за спроведување седмо нуклеарно тестирање.
Пјонгјанг тврди дека го користи своето право на самоодбрана со тестирањето балистички ракети за зачувување на својот суверенитетот и безбедноста од воени закани.
Освен САД, севернокорејскиот амбасадор ја прозва и американската сојузничка Јужна Кореја.
„Сеул е опседнат со тоа свесно да биде поданик на Соединетите Држави и братоубиствено да се судира“, кажа Ким, пренесува Франс прес.
Северна Кореја е под низа санкции на Советот за безбедност на ОН поради својата нуклеарна и ракетна програма од 2006 година, а мерките беа заострени во изминатите години.
Сепак, во последните 7 години 15-члениот Совет за безбедност е поделен во ставот како да постапува кон Пјонгјанг. Русија и Кина, кои покрај САД, Франција и Британија имаат право на вето, тврдат дека нови санкции нема да помогнат и сакаат мерките да се ублажат.
Кина и Русија оценуваат дека заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја само го провоцираат Пјонгјанг. Од друга страна Вашингтон ги обвинува Москва и Пекинг дека го охрабруваат Пјонгјанг штитејќи го од нови санкции.