Корона вирусот го шират луѓе кои сè уште немаат симптоми

Експерти во Сингапур и во Кина открија дека две третини од луѓето го добиле вирусот од оние луѓе кои го инкубирале вирусот, но не покажале симптоми, пишува Guardian.

Овие резултати малку ги демотивираа истражувачите бидејќи тоа значи дека изолирањето на заболените е помалку ефективно во спречувањето на пандемијата од тоа што се надевале.

„Oва е една од првите работи поради кои бевме загрижени кога почна епидемијата“, вели Стивен Рајли, професор по динамика на заразни болести на Империјал колеџот во Лондон.

Истражувачи во Белгија и во Холандија црпеле податоци од епидемијата во Сингапур и Кина за да го утврдат генерацискиот интервал за Covid-19. Интервалот на генерација е времето меѓу една личност која е заразена и друга која се заразува. Овој податок е важен за процена на брзината на избивање на епидемијата. Се покажало дека просечниот интервал е 5,2 дена во Сингапур и 3,95 во Кина. Научниците потоа пресметале колку е уделот на инфекции од луѓето кои го инкубирале вирусот и уште немале развиени симптоми.

Во Сингапур таа бројка е меѓу 45 и 84 проценти, а во Кина бројките се движат од 64 до 87 проценти. Меѓутоа, овие податоци треба да се земат со резерва со оглед на тоа дека научниците немале прецизни податоци за тоа кој кого заразил. Но, треба да се напомене дека и најниските процени покажуваат дека постои значаен пренос од луѓе кои сè уште не покажувале симптоми на корона вирус.

Според  Тапива Ганјани, истражувач од тимот, бројките покажуваат дека изолацијата на болните луѓе нема да биде доволна за запирање на пандемијата.

„Мала е веројатноста дека овие мерки ќе бидат доволни за контрола на ширењето на Covid-19. Потребни се дополнителни мерки како социјално дистанцирање“, вели тој.

Истражувачите сметаа дека и покрај тоа што изолацијата не е доволна за сузбивање на инфекцијата, заболените сепак треба да бидат изолирани.