Коронавирусот е потврден кај скопјанка, надлежните уверуваат дека нема место за паника

Потврден е првиот случај на заболен од коронавирус во земјава. Станува збор за пациентка, родена 1970 година од Скопје, која одреден период престојувала во Италија.

Ова го соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, на заедничката прес-конференција во Владата, на која се присутни и премиерот Оливер Спасовски и д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

-Нема простор за паника, пациентката е сместена на Инфективната клиника во Одделот за изолација, соодветно се третира нејзината состојба. Епидемилошките анализи укажуваа на тоа дека таа еден месец била во Италија во посета на роднини. Веќе две недели е болна и иницијално се тестирала во здравствената установа во Италија и непосредно по влегувањето на нашата земја директно се упатила на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Инкубацијата е помината и во моментот на транспорт таа не претставувала опасност за да ја пренесе болеста, рече Филипче.

Премиерот Спасовски  и д-р Караџовски упатија смирувачки тонови, нагласувајќи дека нема причина, ниту простор за паника.

Едно позитивно лице не претставува ризик за населението. Медицинските служби се 24/7 подготвени да дејствуваат и за само половина час можат да направат екипа. Граѓаните може да бидат мирни, зашто ништо не не изненади, напомена д-р Караџовски.

Според премиерот Спасовски, ситуацијата е под контрола, пациентката со корона вирусот е третирана согласно сите препораки.

Институциите се подготвени да реагираат веднаш. Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат кон препораките на Министерството за здравство. Во овој момент е многу важно свеста кај сите да биде на високо ниво, посебно во однос на препораките, но и во однос на одговорното однесување, рече Спасовски, укажувајќи да нема неодговорно однесување посебно на социјалните мрежи.

Министерот Филипче најави нова прес-конференција во 20 часот на која ќе бидат соопштени повеќе детали.

Претходно денеска министерот Филипче рече дека случај со коронавирус засега од регионов има во Хрватска, а денеска беше потврден и првиот случај во Грција. Во Албанија коронавирус, како што рече Филипче, се уште нема, а од Косово се чекаат информации