Коронавирусот го наруши нормалното одвивање на изборите во Франција

Коронавирусот и стравот од заразата ќе доведе до рекордно слаба излезеност на денешните општински и меѓуопштински избори во Франција, јави дописникот на МИА.

До 17 часот, еден час пред затворањето на најголемиот број од гласачките места, гласале само 38,77 отсто од гласачите, за споредба во 2014 година во истиот временски период гласале 54,54 отсто од гласачите. Падот од 16 проценти се должи на епидемијата од Ковид-19, иако властите тврдеа дека гласањето е безопасно и дека се преземени сите сигурносни мерки на гласачките места. Речиси сите институти за испитување на јавното мислење проценуваат дека во 20 часот кога ќе бидат затворени последните гласачки места излезеноста ќе биде меѓу 44 и 44,5 отсто, за споредба во 2014 таа изнесуваше 63,6 отсто.

Првите официјални резултати ќе бидат познати по 20 часот.

Претседателот Емануел Макрон побара од Французите да останат „достојни и слободни граѓани“ со тоа што ќе гласаат во првиот круг на општинските избори. Тој ги повика да ги почитуваат „вообичаените мерки на претпазливост“.

– Мислам дека е важно да се гласа во овие времиња, рече тој.

Силно критикуван дека дозволи да се одржи првиот круг на општинските избори и покрај забрзаното ширење на епидемијата со коронавирусот во Франција, Емануел Макрон се бранеше.

– Ќе продолжиме да излегуваме да пазариаме. Ќе продолжиме да излегуваме на малку свеж воздух. Значи беше легитимно, а нашиот научен комитет вчера ни кажа дека можеме да излеземе да гласаме со вообичаени мерки на претпазливост, истакна шефот на француската држава.