Коронавирусот и имунитетот на стадото

Пандемијата на болеста којашто ја предизвикува новиот тип коронавирус во фокусот на јавноста повторно го истакна феноменот наречен „имунитет на стадото“, кој би можел да има улога во нејзиниот расплет.

 

Што е имунитет на стадото?

  • Ситуација во која на заразата се имуни доволно луѓе во популацијата, за таа да престане да се шири.
  • За имунитетот на стадото не е важно дали имунитетот настанал како последица од вакцина или поради антитела кај луѓето кои ја пребродиле болеста – клучно е да се имуни.
  • Колку инфекцијата со новиот коронавируст, наречена Covid-19, повеќе се шири, повеќе луѓе ќе закрепнуваат и ќе бидат имуни на идна зараза.

„Кога околу 70 отсто од луѓето во една популација ќе стекнат имунитет, шансите за нова зараза стануваат сѐ помали, бидејќи мнозинството е веќе отпорно на вирусот. Тоа го нарекуваме ‘имунитет на стадото’“, вели за Reuters Мартин Хиберд, инфектолог од Лондонскиот колеџ за хигиена и тропска медицина.

 

Дали ќе влијае на пандемијата со Covid-19?

Постојните докази упатуваат на тоа дека во сегашната пандемија едно заразено лице инфицира две до три други. Тоа значи дека, доколку не бидат преземани никакви други мерки, имунитетот на стадото би настапил во моментот кога меѓу 50 и 70 отсто од популацијата ќе стане имуно.

„Но тоа не мора и нема да биде така во овој случај“, вели Метју Бејлис, професор по инфектологија на Универзитетот во Ливерпул.

Со намалувањето на бројот лица коишто едно зарзено лице ги инфицира натаму, а тоа се постигнува со социјално дистанцирање, затворање на училиштата, со работа од дома и редовно често миење на рацете, имунитетот на стадото ќе настапи порано, појаснува Бејлис.