Коронавирусот и забраната за движење не беа пречка за првомајските протести во Грција

sdr

Синдикати, федерации на вработени, организации, здруженија и слично и покрај коронавирусот и забраната за движење на граѓани во Грција, денеска одржаа протести и собири во центарот на Атина за симболично, но и на поинаков начин, одбележување на денот на трудот.

Иако очекувањата беа дека нема да има голем одѕив од граѓаните, сепак ако се земат предвид вонредните услови, првомајскиот протест помина прилично масовно и заврши мирно, јави дописничата на МИА од Атина.

Најдобро организирани, најдобро подготвени и највпечатливи беа членовите на синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, кои за протестот да помине со неопходното растојание меѓу демонстрантите, поставија ознаки на улицата пред грчиот Парламент, а на протестот Грчкото здружение на музичари во живо ја отсвири песната “Bella ciao”.

Озанките за држење растојание ги искористија и дел од организациите кои протестираа по завршувањето на собирот на ПАМЕ, но не сите.

Дел од демонстрантите се држеа до препораките за потребното растојание, дел носеа маски и ракавици, но дел протестираа како и на било кој друг собир пред пандемијата.

Оваа година, денот на трудот во Грција беше одбележн во време кога постои забрана за движење на граѓаните, а излегувањето е дозволено само во одредени случаи и само за неопходните потреби.

Сепак, демонстрантите со кои поразговара дописничата на МИА од Атина велат дека без оглед на забраните, тоа е нивно право да протестираат. Објаснуваат дека од полицијата добиле насоки да го држат потребното растојание меѓу нив.

-Треба да се бориме за работничките права, не само на први мај, туку постојано. Тоа што околностите сега се такви какви што се поради коронавирусот, не менува ништо во политиките на владата. Наше е како и секоја година, така и сега да излеземе на протест, вели една од демонстрантите.

Вработена во една од атинските државни болници, во разговор со дописничата на МИА од Атина вели дека тие најдобро знаат каква е ситуацијата и мораат да се борат за нивните права.

-Во целата оваа ситуација во која што живееме, најдоброт штоможевме да направиме денеска е да излеземе на протест. Ако не излеземе, нема да можеме да ги обезбедиме неопходните средства за заштита ниту за здравствената криза, ниту за нашите работнички права, вели таа.

Одвоени протести одржаа различни организации, здруженија, вработени во државниот сектор, студентски организации, но и членови на левичарски и анархистичи организаци.

Меѓу демонстрантите беше и подмладокот на грчката партија МЕРА25, како и нејзиниот лидер, поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис.

Најголемите грчки синдикати на вработените во јавниот и приватниот сектор, за денеска закажаа генерален штрајк, но не и протест.

Од грчката Влада во изминатите денови ги повикаа и синдикатите и политичките партии денеск да не одржат протести и собири, а одбележувањето на денот на трудот, симболично да се одржи првата сабота по укинувањето на забраната за движење односно на 9 мај.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, говорејќи денеска за телевизија “Open” рече дека не се дозволени собири и “секако, оној кој учествува во нив го прекршува законот и е соочен со казни”.