Коронавирусот избувна одново на 13 локации во Шпанија

26 April 2020. EPA-EFE/Javier Cebollada

Само три дена откако во Шпанија беше укината вонредната состојба и земјата влезе во ткн „нова нормалност“, коронавирусот повторно избувна во некои делови од земјата што предизвикува голема загриженост во пресрет на неизвесната туристичка сезона, од секторот кој има значаен удел во шпанската економија.

Досега се забележани 13 активни точки на ширење на вирусот во меѓусебно оддалечени подрачја на Шпанија.

Некои делови од источната покраина Арагон мораа да се вратат во фазата на строги превентивни мерки, откако последните денови се зголеми бројот на новозаболените. Таму во последните 24 часа се заразиле 45 лица од вкупно 108 во цела Шпанија, според податоците на министерството за здравство.

Вирусот повторно се појавил и во јужните приморски градови Малага и Валенсија, и во северниот град Вајадолид и во покраината Навара. Во каталонскиот град Леида заразени се 18 лица во дом за пензионери, од кој 13 штитеници и петмина вработени. На Канарскиет острови локалните власти ги тестираат сите имигранти кои пристигнуваат со чамци од Африка, откако во две гумени пловила имало 25 инфицирани лица.

Министерката за финансии и портпаролка на владата, Марија Жезус Монтеро Квадрадо, која инаку претходо беше болнички администратор, изјави во вторникот дека пандемијата на коронавирусот во Шпанија е под контрола и оти се одвива според очекувањата, па владата не разгледува повторно прогласување вонредна состојба, „ниту на краток, ниту на среден рок“.

Вонредната сосојба беше укината во неделата по 98 дена и шест продолжувања во текот на кои 47-те милиони Шпанци смееја ограничено да се движат без масовни собири. Од неделата отворени се границите и дозволени се туристички патувања, но засега нема поголеми доаѓања на патници во земјата, како ниту внатрешни туристички патувања во Шпанија.

Од крајот на февруари, од коронавирусот во Шпанија починале 28.325 лица. Вкупно се заразиле 246.752 луѓе, од кои досега се излекувани 150.376 пациенти.

Монтеро напомна дека владата во случај на драстично влошување на ситуацијата, ќе ги активира „сите механизми против ширењето на вирусот“. Шпанија, една од најпогодените земји во Европа, воведе строги мерки затворувајќи ги граѓаните во нивните станови и куќи на 14-ти март, со многу рестриктивни куси овозможувања да ги напуштат само по едно лице за набавка на најосновните продукти, а потоа постепено ги попушташе.

Во моментов секоја од 17-те автономни покраини е задолжена за сопствено носење мерки согласно локалната ситуација. Носењето заштитни маски е задролжително во цела Шпанија, како и одржувањето на физичката оддалеченост од другите минувачи на улица и во објекти како што се кафулиња и музеи, чии капацитети се ограничени со мерките.