Коронавирусот потврден кај две работнички во конфекција и лекар во Штип

Се шири новиот кластер во Штип со двајца новозаболени од неделата, а за во вторник се очекуваат резултатите од земените седум тестови на високоризични контакти од веќе заболените, потврдија за ММС од Центарот за јавно здравје во Штип.

Дел од новозаболените се од кластерот на таксистот, чија сопруга е медицинска сестра во приватна ординација, исто така болна од ковид. Тестираните колеги на медицинската сестра се негативни, со исклучок на еден доктор, кој е на домашно лекување. Потврдениот случај на една од конфекционерките е нејзина пријателка. Овие први случаи на заболени од ковид во конфекција се земени крајно сериозно од страна на Центарот за јавно здравје, бидејќи и покрај препораките, не може да се држи социјална дистанца во конфекциските автобуси, полни со работници, ниту пак се почитуваат правилата при паузите за појадок и кафе.

Поради тоа, од Центарот упатија апел до граѓаните да се придржуваат кон мерките.

„Штип е град на текстилната индустрија, па затоа најмногу сакаме да апелираме до текстилните конфекции и сите други субјекти кои имаат поголем број на вработени и кај кои производствениот процес налага на задолжително присуство на повеќе лица во една просторија. Истите, задолжително треба да се грижат за хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, дистанцата на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место да биде од 1,5 до 2 метри, задолжително да носат лична заштитна опрема – маски, а по можност и ракавици. Во просторијата во која работат поголем број на лица задолжително да го има потребното растојание помеѓу истите, носење на лична заштитна опрема и на работното место, често проветрување на просториите, често миење и дезинфекција на рацете, задолжителна дезинфекција на работните површини и предмети кои се користат при работа, да се избегне групирањето на повеќе лица и за време на паузите за одмор. Доколку е можно, да се редуцира бројот на надворешни лица кои влегуваат во овие објекти“, соопштија од Центарот за јавно здрвје, од каде потсетуваат дека понатамошниот тек на пандемијата зависи најмногу од однесувањето и дисциплинираноста на секој еден граѓанин.