Коронавирусот тест за обединета Европа: дали ќе го издржи шокот?

Матео Салвини, лидер на најпопуларната италијанска партија Лига Север и поранешен потпретседател на Владата, ја критикуваше Европската унија за однесувањето за време на пандемијата од коронавирус и се закани со излегување на земјата од Унијата:

„Тоа е сè освен унија, легло на змии и на чакали. Прво ќе го победиме вирусот, а потоа ќе размислиме за Европа. И, ако треба, ќе се збогуваме. Без дури и да се заблагодариме“.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон ги предупреди лидерите на земјите членки на Европска Унија дека кризата со новиот коронавирус го доведува под прашање „опстанокот на европскиот проект“ и дека: „постои ризик епидемијата да ги поткопа основните столбови на Унијата“.

„Европската унија или ќе ја добие оваа здравствена криза како што треба, или ќе биде мртва“, ќе изјави претседател на Европскиот парламент, Антонио Тајани.

Загрижувачки и вознемирувачки се реакциите на политичарите во Европа, кои како да ја отсликуваат зачуденоста на оние што со години живееја во Матрикс и кои штотуку се разбудиле. Ако на почетокот повеќето влади во Европа ја негираа епидемијата, сега се во очигледен хаос.

И, треба ли да бидеме изненадени од она што се случува со Европската Унија со пандемијата на коронавирусот? Кога е јасно дека пандемијата само ги потенцира веќе постојните, добро познати слабости на Унијата.

Европа, чии нации се надеваа дека како наднационална творба ќе биде способна да ги заштити своите граѓани од секакво зло, сурово се разочарани. Нејзината иднината е понеизвесна од кога било досега. Смртта и сиромаштијата се два збора што ќе ја следат Унијата уште долго време. Стана очигледно дека на Европејците сега им недостасуваат компетентни влади, кохезивни граѓански општества, одговорни економски администрации и граѓани кои се способни да се жртвуваат за другите. Вредности што Унијата ги подзаборави.

Од наднационален проект на минатиот век, европскиот клуб се врати назад во реалниот свет, каде меѓуевропската солидарност е ставена на тест од пандемијата, а национализмот, како форма на еднострани и некоординирани одлуки донесени од земјите членки, се врати. Реакциите на политиката на пандемијата се исклучиво национални, истакнувајќи ги разликите во Унијата, кои наместо да обединуваат, ја разделуваат. Па така, еврозоната пред симетричен шок, видовме како реагира асиметрично.

Додека здравствените предизвици и економските последици се потенцијално уништувачки, политичките последици се потешко може да се предвидат, а ќе бидат сериозни и долготрајни. Сите политички лидери и владеачки партии во Европа, без оглед на идеологијата, пандемијата и нејзиниот економски исход ризикуваат да бидат истерани од канцеларија.

Уште полошо, секој неуспех на дејствување или солидарност во ЕУ е плодно тло за популистите, националистите и евроскептиците, од Италија до Унгарија, па дури и Германија. Нивните наративи веќе доведоа до тоа една земја членка, Велика Британија,  да и сврти грб на ЕУ. Допрва ќе гледаме дали коронавирусот ќе биде иницијална каписла за домино ефект во рамките на Унијата.

Еврозоната не ризикува, ги повторува истите грешки што беа направени пред нешто повеќе од една деценија. Нерешителните и одложени одговори на европските национални влади во екот на последните кризи скапо ја чинеа економијата. А политиката реагираше дури кога куќата веќе беше во оган.

Да не се навраќам на веќе подзаборавената криза со еврото, ќе потсетам на неодамнешната бегалска криза од 2015-16 година, кога ЕУ не успеа да најде обединет одговор за мигрантите. Одделни земји, од Унгарија до Австрија, еднострано ги затворија своите граници. Потоа, се спротивставија на сите обиди за реформа на европските закони за азил.

И сега се случува истото. Многу пожестоко. Претставниците на Европската унија инсистираа на тоа дека националните влади не треба да ги затвораат границите, или да го запрат слободното движење на луѓето во т.н. шенген зона. Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен предупреди дека: „секоја земја членка треба да живее во целосна одговорност и ЕУ како целина треба да се утврди, координира и обедини. И замислете. Нејзиниот совет е игнориран, при што државите на континентот ги затвораат своите граници. Се погласни се предвидувањата дека Шенгенскиот систем на безгранично патување никогаш нема да биде целосно обновен, и дури откако ќе биде сузбиена пандемијата. Лука Заја, гувернер на регионот Венето, една од најтешко погодените области од коронавирусот во Италија, ќе изјави: „шенген зоната исчезнува додека зборуваме“. „Шенген повеќе не постои“.

Како што се продлабочува кризата, земјите членки се повеќе ќе преземат и други еднострани активности, со што единствениот одговор на пандемијата ќе биде ништо друго до крпеница на националните политики.

Гледаме дека и постојните разлики во фискалната состојба на секоја нација веќе предизвикуваат остра дивергенција во Унијата. Колку подолго трае кризата, толку повидливи се овие разлики. Не сите земји ќе можат да одржат поддршка за живот за нивните економии подеднакво. Ова сериозно може повторно да ја доведе еврозоната на работ.

А тоа дека пред налетот на пандемијата економските политики на ЕУ стануваат растегливи е согласноста да им се дозволи на владите слобода да нудат економски политики во услови на криза, жртвувајќи ги свесно строгите правила за државна помош на ЕУ. Исто така, Европската комисија привремено ги суспендира правилата на еврозоната за владиниот долг, дозволувајќи им на земјите членки да го потрошат она што им е потребно за да преживеат во услови на пандемијата, што е можно подобро.

Очигледно дека кога станува збор за економијата, побогатите земји како Холандија и Германија тешко ги слушаат зборовите: „делење на долгови“ или „солидарност“. Она што сега е потребно е недвосмислен сигнал за взаемна доверба и делење товар во рамките на европското семејство. Ова е време за европска солидарност. Која никако да се случи.

Ако и овој пат Европа не успее да застане како целина, заедничките политики на Унијата ја губат смислата. А тоа значи враќање на Европа на нациите. Зашто вака изгледа дека само нациите можат да дејствуваат брзо и смело во услови на криза, заслужувајќи ја на тој начин довербата кај граѓаните. Очигледно стариот систем на Вестфалија силно чука на вратите на Унијата.

Низ историјат видовме како одредени блокови на држави се распаѓаа. Од Лигата на народите, до Конфедерацијата на Рајна и Светата римска империја пред тоа. Некои пропаднаа брзо, други полека. Секој на свој трагичен начин, тие едноставно станаа ирелевантни.

Да се надеваме дека тоа нема да се случи со Европската Унија. Која сега се движи по својот раб. Ако сега континентот не застане заедно, европскиот проект не би можел никогаш да закрепне.

После се, се прашувам: како ќе се вклопиме во преговарачката рамка на ваквата Унија? Но, што има јас да се прашувам кога не гледам загриженост кај Владата за нашата иднина во Унијата. И не дај боже да се распадне, со оваа Влада секогаш ќе имаме место таму. Кога можевме да отвориме преговори без датум, се можеме.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес