Коронавирусот уби повеќе Американци отколку што загинаа во војните во Кореја, Виетнам и Ирак

Бројот починати во епидемијата на новиот коронавирус во САД надмина 100.000 лица, соопшти ноќта кон четвртокот Универзитетот „Џонс Хопкинс“ кој ги сумира податоците од федералните и локалните власти, како и од медиуми и други отворени извори.

Според податоците на Универзитетот, во САД досега како последица од зараза со коронавирусот SARS-CoV-2 починале 100.047 лица, што се совпаѓа и со засебната пресметка што ја води агенцијата Reuters. Податоците на „Џонс Хопкинс“ говорат и за вкупно 1.695.766 заразени, од кои досега оздравеле 384.902 пациенти.

САД се водечки во светот на „црната листа“ според бројот на потврдени случаи, иако во последниот период се намали бројот на смртните сличаи, а населението, по двомесечното затворање, започна со делумна нормализација на животот. Околу 1.400 Американци умираа во просек секој ден во мај, што сепак е помалку од максимумот од 2.000 луѓе во април.

Во само три месеца повеќе Американци починале од респираторната болест Covid-19, отколку во Корејската и Виетнамската војна на почетокот од втората половина од минатиот век, односно во текот на војната во Ирак од 2003 до 2011 година. Новата болест која го напаѓа респираторниот тракт, исто така, убила повеќе луѓе отколку епидемијата на СИДА-та од 1981 и 1989 година.

Во пандемијата којашто тргна од Кина кон крајот на декември 2019 година, во светот досега се пријавени над 5,6 милиони случаи на зараза и околу 350.000 починати.

Од 20-те најпогодени земји во светот, САД го заземаат осмото место според бројот на смртните исходи на 10.000 луѓе. САД имаат три смртни случаи на 10.000 лица. Белгија на оваа листа е прва со осум смртни случаи на 10.000 жители, а следат Шпанија, Велика Британија и Италија.