Коронавирусот во Европа: Германија првпат со над 10.000 зарази во еден ден

Откако Шпанија и Франција го минаа прагот на милион од своите жители заразени со новиот коронавирус, Германија првпат зебележа дневен раст на коронаинфекциите од над 10.000 случаи, покажуваат податоците од американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“ и германскиот Институт „Роберт Кох“.

Француските здравствени власти објавија во средата вечерта дека регистрирале 26.676 нови случаи на коронавирусот, што е шести пат во последните 12 дена да има над 25.000 заразени на дневно ниво.

Така, според податоците на институтот при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ објавени во четвртокот утрото, во Франција, која има 67-милионско население, во моментов има 1.000.369 заразени со коронавирусот, и 34.075 починати од компликациите предизвикани од него.

Шпанија, исто така, во средата вечерта мина милион заразени од коронавирусот, па овие две земји се далеку пред сите други во Европската унија според бројот на потврдените случаи на коронаинфекции.

Шпанија, која има 47 милиони жители, во средата изјави за 17.000 нови случаи на коронаинфекцијата, или севкупно од почетокот на епидемијата 1.046.641 случаи на зараза. Бројот на починатите се зголемил за 156, на вкупно 34.366 смртни исходи како последици на компликациите предизвикани од Covid-19.

Бројот на потврдените случаи во Германија во еден ден се зголеми за 11.287, покажуваат податоците од Институтот „Роберт Кох“ во четвртокот. Ден претходно бројот на новозаразените изнесуваше 7.830 лица.

Германија со 83 милиони жители сега има вкупно 392.049 позитивно тестирани на коронавирусот, и по уште 30-те нови потврдени смртни случаи влупно 9.905 починати.

Иако стапката на зараза во Германија е пониска отколку во поголемиот дел од Европа, таа забрзано се зголемува со доаѓањето на пониските температури. А политичарите предупредуваат дека строгите епидемиолошки мерки мора да се почитуваат ако се сака пресврт во сегашниот тренд. Во средата и германскиот министер за здравство Јенс Шпан добил позитивен тест на коронавирусот.

Бројот на заразените во светот надмина 41 милион луѓе, покажуваат податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.