Колумни

Корупција – All Rights Reserved to СДСМ

Корупција – All Rights Reserved to СДСМ

Буквално не поминува ниту една седмица од мандатот на оваа влада без некоја нова корупциска афера. Трејдмарк на целокупната власт, како на централно така и на локално ниво, е корупцијата. Постои бескрајна низа на ПР спинови со кои тие сакаат да ги релативизираат и игнорираат објавените скандали, притоа пробувајќи да изнајдат безброј изговори и оправдувања зошто постапиле на еден или друг начин. За оние кои сеуште не и се познати на јавноста, времето е фактор кој ќе помогне да го видат светлото на денот и јавноста да се запознае со сите шеми кои излегуваат од кујната на СДСМ. Сепак, шемата е многу едноставна и лесно применлива. Се формираат фирми непосредно пред објавување на одреден оглас и потоа истите тие фирми успеваат да ги победат во исполнетост на критериумите фирмите кои со години се занимаваат со определена дејност на пазарот, имаат изградено свое реноме и репутација и се едни од водечките фирми во нивната област. Токму инсајдерското информирање за објавување на конкурс со определени критериуми само по себе претставува злоупотреба на службената положба. Оваа шема досега ја применија Оливер Спасовски, Венко Филипче и Петре Шилегов во ЈСП, но нивните обиди беа пресретнати и обелоденети од новинарите и медиумите, како и од опозицијата.

Понатаму, фирми кои биле донатори на СДСМ ги добиваат јавните набавки распишани од државните органи, иако истите по ниту едена пазарна логика не можат да достават поевтина понуда од фирмите кои се овластени претставници на определен странски трговски субјект во Македонија. Ова се прави преку директно обесхрабрување на овластените фирми да учествуваат на тендерската битка и фаворизирање на одредени фирми блиски до СДСМ. Па така, фирма донатор на СДСМ успеа да освои тендери во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Централен Регистар, а некои фирми добија и директни грантови од Фондот за иновации.

За да биде скандалот со корупцијата уште поголем, јавни овластувања кои со закон може државата да ги пренесе на приватни правни лица, како услуги за обезбедување или испитни центри за возачки испит, веќе наголемо се доделуваат на фирми кои штотуку се појавиле на пазарот. И повторно во главна улога во оваа корупциска шема е Министерството за внатрешни работи кое го води Оливер Спасовски. Децениски гиганти како АМСМ, Автомакедонија, ПСС, АСУЦ, се едноставно збришани од конкуренција од фирма формирана завчера, без ниту еден сопствен деловен простор и стручен кадар.

Сево ова што досега се случување, како и она што допрва ќе излегува од ЕЛЕМ, РЕК Битола, Министерството за здравство и останати државни институции предводени од СДСМ, веројатно до крајот на годината ќе ја надмине бројката од преку 100 корупциски случаи на оваа Влада, која свесно или не, сеуште не назначува нова Антикорупциска комисија. Јавното Обвинителство кога тогаш ќе мора да ги истражи сите овие случаи и да ја информира јавноста дали постои основа за кривично гонење. Меѓународната заедница, засега, се прави слепа, но не и глува за сите корупциски афери на оваа Влада. Ваквата позиција е помалку можеби и очекувана во овој период поради референдумот и Договорот со Грција, но владеењето на правото и борбата против корупцијата се главните бенчмаркови на ЕУ и земјите како Франција, Данска и Холандија, кои дадоа датум за датум, наместо старт на преговорите во јуни оваа година.

Автор: Александар Нацев