Кошаркарите на ЦСКА ја декласираа „Барселона“

Во дербито од првото коло на Евролигата кошаркарите на ЦСКА убедливо ја победија „Барселона“ во Москва со 95:75.

Во натпреварот немаше резултатска неизвесност бидејќи домаќините рано направија голема предност, која без проблеми ја одржуваа до крајот. Иако Каталонците добро го почнаа мечот и водеа со 7:4 во 4 минута, изедначена борба имаше до финишот на првиот период, кој Русите го добија со 21:14, откако направија серија од 10: 2.

ЦСКА во исто темпо продолжи во вториот период, па постигна 30 поени, а тимот предводен од Светислав Пешиќ само 12, па резултатот на полувремето беше 51:26. Московјаните во 22 минута имаа максимални +26 (55:29), но „Барселона“ успеа да фати ритам и до крајот на третиот период да се приближи на подносливи 69:58. Гостите во 31 минута преку кошот на Кевин Пенгоса намалија на едноцифрена разлика, но ЦСКА одговори со серија од 12: 2 што беше доволно за победа.

Кај домаќините најдобри беа Кори Хигинс со 18 поени и 5 скокови, како и Нандо де Коло  кој постигна 17 коша. За „Барселона“ Курик имаше 15 поени, Јака Блажиќ 11, а Томас Ертел постигна 5 поени и 12 асистенции.

Во останатите натправари од првото коло на Евролигата „Панатенаикос“ во Атина го совлада „Макаби“ со 89:84, а „Баерн“ во Минхен загуби убедливо од „Анадолу Ефес“ со 71:90, а сигурен пред домашната публика беше и „Реал“ Мадрид кој подеби против „Дарушафака“ со 109:91.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.