Косоварите поделени околу џихадот

Косовската полиција неодамна уапси имами кои наводно регрутирале џихадисти. Оттогаш кружат гласини дека некои полицајци одбиле да учествуваат во апсењето. Колку ваквите настани го потресуваат косовското секојдневие?

Деновиве повеќе косовски медиуми објавија иста вест – дека „единаесет припадници на специјалната единица на косовската полиција одбиле да учествуваат во минатонеделната акција, во која се уапсени 12 косовски имами и Фуад Рамиќи“. Се додава дека случајот ја потресол полицијата и дека полицајците кои не сакале да ја извршат должноста ќе бидат строго казнети. Реакција единствено имаше од портпаролот на полицијата Баки Келани, кој рече дека „не е запознат“ со случајот. Дури по големиот притисок на јавноста полицијата издаде официјален демант. Но, тоа не ја смири чаршијата, дотолку повеќе што 90 отсто од жителите на Косово се со муслиманска вероисповед, па оттука се верува дека влијанието на религијата би можелo да биде големo и во полицијата. Службеник на една меѓународна организација во Приштина неофицијално рече дека „специјалците се суспендирани поради одбивање да ги уапсат имамите и дека полицијата интерно ќе се занимава со ова прашање“.

0,,17931518_403,00

„Срамно петно за Косово“

Ако обвинувањата на сметка на полицијата се точни, полицајците треба да се преиспитаат себеси, а МВР да преземе итни мерки, вели Исмаиљ Хасани, социолог на религија. „И да сакаат ова прашање да не го третираат пресериозно, нашите органи тоа не можат да го сторат во ситуација кога цел свет е завртен и го набљудува не само Косово, туку и останатите краишта од каде што се регрутираат луѓе и се испраќаат во Сирија и другите жаришта“, вели Хасани за ДВ. Тој додава дека заминувањето на голем број косовски Албанци на боиштата на Блискиот Исток е „големо срамно петно за Косово“. „На Запад очекуваат што побрзо казнување на сите оние кои биле вмешани во овие случувања и без одлагање продолжување на борбата против секаков вид екстремизам, особено исламски радикализам, кој, за жал, се докажа како светски проблем“, додава Хасани.

Ферид Мухиќ, професор по филозофија и претседател на Бошњачката академија за науки и уметности, вели дека во принцип е против казнени мерки, како и против каков било екстремизам. Сепак, тој потсетува дека регрутацијата на борци е казнива „за сите, без оглед на државата во која се војува и верската припадност“, така што теоретски би можеле да бидат апсени и „попови и католички свештеници“. Мухиќ претпоставува дека по апсењето на имамите би можел да се „редуцира бојот на оние кои се регрутираат за боиште“. Негативно е што се „упаѓа во автономијата на една верска заедница“ и што двајца имами, кои подоцна се ослободени, се уапсени со тенок доказен материјал.

0,,17931514_403,00

Страв меѓу граѓаните

И реакциите на граѓаните се различни во врска со овој проблем. Сите стравуваат за иднината на своите семејства. „Не ги сакам овие со бради и куси панталони затоа што му нанесоа непроценлива штета на имиџот на Косово, каде што се практикува традиционален ислам. Но, апсењето на имамите е исто така многу лошо. Државата не смееше вака да реагира. Стравувам од негативни последици“, вели Африм од околината на Приштина.

Приказната на Синан Гаши од Призрен е поинаква: „Некои веќе уапсени имами ми го уништија семејството. Ќерка ми е постојано покриена. Избегнува да зборува дури и со мене, никаде не излегува и нон-стоп чита некои верски книги и зборува за оној, другиот свет. Фала му на Бога што конечно ги затворија зашто многу не‘ уназадија“.

Меѓутоа не мислат сите така. „На Хашим Тачи ова апсење му беше неопходно за да го сврти вниманието од своите политички проблеми“, уверен е Кујтим Беголи од Пеќ. „Колку месеци не може да обезбеди мнозинство, почнаа да го издаваат меѓународни претставници, а трендот е т.н. исламски фундаментализам. Затоа тој со еден куршум уби два зајака, но тоа не чини. Одеднаш ние од жртви станавме терористи“.

Извор: Дојче Веле