Претседателката на Косово, Вјоса Османи оцени дека е стасано времето за потпишување трактат со Абанија за заедничко реагирање во случај на загрозување на двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Османи за ова разговарала за време на денешната средба со нејзиниот албански колега, Бајрам Бегај, кој утрово допатува во официјална посета на Косово, при што беше пречекан со високи државни почести.
-Важно е со Албанија, како што разговаравме, да имаме еден трактат за меѓусебна одбрана, со кој реципрочно ќе реагираме во случај на загрозување на нашите две држави, изјави Османи на заедничката прес-конференција со Бегај.
Според косовската претседателка, оваа пракса е „во согласност со меѓународните пракси и се применува од многу држави“.
-Време е да ги направиме потребните чекори во тој правец, изјави Османи.
Косово, рече таа, смета на Албанија и верува дека под водството на Бегај ќе се интензивираат меѓудржавните односи.
-Фактот дека Албанија веќе е членка на НАТО создава поголема безбедност во целиот наш регион. Во ова време кога се загрозува безбедносната архитектура, нашата безбедност стана приоритет, рече Османи.
Бегај, од своја страна, рече дека Косово и Албанија имаат иста визија и се движат во иста насока. Тој се осврна на регионалната стабилност, порачувајќи дека треба да се работи повеќе за да се зачува мирот, за кој оцени дека е „кревок“.
Бегај допатува денеска во Косово, во прва официјална посета на една земја од преземањето на функцијата претседател на Албанија, на 24 јули годинава. Освен со Османи, предвидени се средби и со претседателот на републичкото Собрание, Глаук Коњуфца и со премиерот, Албин Курти.