Косово бележи нови 11 смртни исходи и 855 нови коронаинфекции

Бројот на починатите поради компликации предизвикани од Covid-19 во Косово се зголеми на вкупно 885 луѓе од почетокот на епидемијата, откако изминатото деноноќие се потврдени 11 смртни исходи кај заразени со коронавирусот. .

Според последниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово, во минатите 24 часа се регистрирани 855 новозаболени, со што бројката на лица кај кои е откриен вирусот се зголеми на 32.877. Од нив, вклучително вчерашните рекордни 748 излекувани пациенти, болеста досега ја совладале 19.722 лица.

Официјално, согласно наведените податоци, во земјата во моментов има 12.220 носители на заразата.

Вчера се извршени 1.930, а вкупно досега 127.722 тестирања со методот РТ-ПЦР.

Жариште на епидемијата е главниот град Приштина, каде што коронавирусот досега е откриен кај повеќе од 12.500 лица.