Косово е поблиску до членство во Интерпол

Доаѓањето на човек од земја што го призна Косово на челото на Интерпол значи и поголеми шанси Косово да биде примено во светската полициска асоцијација.

Со „ветер во грбот“ поради приемот на Косово за придружен член на Франкофонија, организацијата што ги обединува државите од француското говорно подрачје, министерот за надворешни работи Беџет Пацоли кажа дека е оптимистичен кога станува збор за приемот на Косово во Интерпол.

Шансите за прием на Косово во организацијата во која одамна сака прием се зголемени, јавуваат српските медиуми, со доаѓањето на челото на организацијата на Ким Јонг Јанг од Јужна Кореја, земја која ја призна косовската независност. Ким на местото на шеф на меѓународната полиција го замени Кинезот Менг Хонгвеј, во Кина обвинет за корупција.

Косовските функционери успеаја во март нивната молба за прием во Интерпол да се најде на прелиминарниот дневен ред на генералното собрание на оваа организација, додека српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ кон средината на минатиот месец им испрати писмо на сите членки на Интерпол во кое се наведува дека не постои ниедна причина барањето на непостоечката држава Косово да се најде на дневниот ред на седницата на Интерпол во ноември во Дубаи.

Меѓутоа, новиот шеф на Интерпол ќе претседава со состаноците на извршниот одбор на оваа организација кој го утврдува дневниот ред на заседанието , а ќе претседава и со самото генерално собрание, а според правилата на Интерпол може и да ја насочува дискусијата.

Новите околности кои настанаа со смената на стариот и изборот на новиот прв човек на светската полициска организација, која доаѓа од земја која, не само што меѓу првите ја призна независноста на Косово, туку е и верен сојузник на САД, кај Србите создава стравувања дека Косово може да се пробие до членство во Интерпол.

Според српските аналитичари, членството на Косово во Интерпол за Србија би било, во најмала рака, многу непријатно, и тие потсетуваат на случаите на „лажни обвинувања“ на Србите за воени злосторства на Косово. Во случај Косово да стане член на Интерпол, тоа би преминало на меѓународно ниво.