Косово ги потврди првите два случаи на коронавирус

Косовскиот премиер Албин Курти и министерот за здравство Арбен Витиа на вонредна прес-конференција попладнево објавија дека во земјата се регистрирани првите два случаja на заразени од коронавирус во земјата.

Министерот Витиа информираше дека станува збор за 20-годишна италијанска државјанка и 77-годишен косовски државјанин.

Премиерот Курти порача дека нема место за паника и побара од граѓаните да ги почитуваат владините мерки за превенција од заразата, посебно со водење сметка за хигиената и избегнување на места каде што има поголемо присуство на народ.

Во врска со препораката за затворање на воздушните и патните премини од и кон земјите со висок и среден ризик за епидемија од смртоносниот Ковид-19, Курти рече дека засега нема одлука за тоа и дека од Националниот институт за здравство не се бара тотална, туку делумна забрана, и тоа само за патници, а не и за стоки.

Курти најави дека за вечерва е закажана вонредна седница на Владата во врска со ситуацијата со коронавирусот, на која ќе се одлучува и за евентуалното затворање на граничните премини.