Косово го забрани „копањето“ криптовалути поради недостигот од струја

Косовските власти во вторникот го забранија „рударењето“ критповалути за да се намали потрошувачката на електрична енергија во периодот кога тамошните домаќинства и стопанството се соочуваат со најголемата енергетска криза во последната деценија.

Полицијата ќе ги запре таквите активности „во соработка со другите релевантни институции коишто ќе ги идентификуваат локациите на коишто се произведуваат криптовалутите“, соопшто министерката за економија и енергетика Артана Ризванољи.

Медиумите наведуваат дека поради евтината струја изминатите години, многу косовски млади станале „рудари“ на криптовалутите. Но во декември приштинските власти воведоа редукции на струјата двапати дневно по два часа, поради отежнатото функционирање на термоцентралите на јаглен и високите увозни цени на електричната енергија.

На самиот крај од декември Европска мрежа на оператори на преносниот систем (ENTSO-E) предупреди дека големата побарувачка на електрична енергија на Косово може да го загрози снабдувањето на Европа со струја, бидејќи косовските власти поради тамошниот недостиг увезуваат енергија во количества кои воопшто не биле планирани на пазарите.

Косово покрај производството од своите две термоцентрали на јаглен вообичаено увезува од 10 до 15 отсто енергија, но увозот сега достигнал до 40 отсто од потребната струја. Последица на тоа е Косово да увезува енергија која не била планирана на пазарите во Европа.

На Косово во декември беше прогласена вонредна состојба во траење од 60 денови, што на владата ќе ѝ овозможи да издвои повеќе пари за увоз на енергенсите, воведуваат дополнителни редукции и поостри мерки.

Еден од „копачите“ на криптовалути од Приштина анонимно за Reuters рекол дека плаќа месечно по 170 евра за струја, а дека од „рударењето“ заработува 2.400 евра.

Косово увезува повеќе од 40 отсто од електричната енергија. Околу 90 отсто од домашното производство отпаѓа на лигнитот, чиешто согорување предизвикува големи аерозагадувања. Косово, со 12 до 14 милијарди тони според официјалните податоци, ги има петтите најголеми резерви на лигнит.