Косово подготвено да одржи нови избори на северот, вели Османи

Косовската претседателка Вјоса Османи изјави во четвртокот дека албанските власти во Приштина се подготвени да одржат нови локални избори на доминантно српскиот север на поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија каде албанското мнозинство во 2008 година со поддршка на САД и водечките земји на Европската унија еднострано прогласи независна Република Косово.

Османи ова го изјави за новинарите откако ескалираше ситуацијата во четирите српски општини на косовскиот север при обидот на премиерот Аљбин Курти се обиде да ги внесе во општинските згради на албанските градоначалници избрани на локалните избори кои ги бојкотираа косовските Срби.

Најавата за подготвеноста на Приштина за спроведува нови избори во четирите општини доколку тоа е во согласност со законот, Вјсоа Османи ја објави по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и шефот на дипломатијата на Европска унија, Жозеп Борел на самитот во молдавската престолнина Кишињев.

Овие разговори се одржаа во рамките на дел од настојувањата на западните земји да ја ублажат кризата на северот на Косово, која се разгоре од понеделникот во насилни судири во кои се ранети 30 војници на мировните сили на НАТО и 52 српски демонстранти.

Макрон изјави дека Франција и Германија ги повикале челниците во Приштина и во Белград да организираат нови избори што е побрзо возможно во регионите кои се погодени со граѓанските немири. Додаде дека тој и Шолц им дале на косовските и на српските челници рок од една седмица да одговорат на нивниот предлог.

„Она што го побаравме од двете страни е многу едноставно: организирање нови избори во четирите општини што е поскоро можно, со обврска за Косово да ги спроведе“, изјави Макрон пред новинарите.

Додаде и дека барале на изборите да учествува и српското малцинство, како и Приштина без одложување да го реши проблемот со основањето на потпишаната Заедница на српските општини, што владата на Курти го одбива.

Османи и Вучиќ и во четвртокот беа истрајни во тврдењата дека сакат да ја ублажат кризата, но според изјавите не покажаа претерана намера и желба да се откажат од своите спротиставени позиции.

При пристигнувањето на самитот во Молдавија, каде се сретнаа повеќе од 40 челници на европските земји, Османи и Вучиќ не се поздравија, иако на црвениот тепих стоеја на само неколку метри оддалеченост.