Косово прогласи двајца руски дипломати за непожелни

Косовската претседателка Вјоса Османи Садриу денеска соопшти дека две официјални службени лица од руската Канцеларија за врски на Косово се прогласени за непожелни (нон грата), поради наводни активности кои ја нарушиле „националната безбедност и уставниот поредок на Косово“.

„Министерството за надворешни работи денеска донесе одлука со која овие двe руски официјални службени лица ги прогласи за непожелни личности и истовремено ги информираше институциите за спроведување на законите и надлежните органи за нивно спроведување“, напиша косовската претседателка на својот Фејсбук профил.

Османи Садриу додаде дека „институциите на Косово нема да се двоумат да дејствуваат секогаш кога ќе се наруши безбедноста и уставниот поредок“.

„Косовските институции се борат против малигното влијание на Русија и нејзините сателити во регионот, кои имаат за цел да ги поткопаат нашите достигнувања и достигнувањата на САД, НАТО и ЕУ. Затоа, ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите американски и европски сојузници да се спречи Косово и нашиот регион да станат плен на деструктивните амбиции на Русија“, напиша Османи Садриу.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.