Косово се закани со царински ограничувања за македонските производи

Властите на Косово и денеска се заканија дека ќе воведат царински бариери или ќе забранат увоз на повеќе македонски производи,поради нашата забрана да се увезуваат икри и риби за порибување од таа држава. Косовскиот министер за трговија, Шала на колегата Бектеши му пишал дека од земјава се бара да ги отстрани бариерите, во спротивно, косовската страна ќе ги разгледа мерките за реципроцитет.

„Ова кршење на обврските кон CEFTA од страна на Северна Македонија предизвикува загриженост за мојата влада и ве повикувам што побрзо да најдете решение по ова прашање“, му напишал косовскиот министер Шала на македонскиот министер Бектеши.

Од нашето ресорно министерство велат оваа мерка била неопходна, и дека не се однесува само на Косово, туку на сите држави кои немаат гаранција дека нивните икри се здрави.

„Она на што се однесува забраната е на порибителниот материјал, а тоа е икра или млади риби. Причината е што Република Северна Македонија се подготвува и многу брзо ќе добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Ова е нешто што е работено подолг период, и не се однесува само на Косово, туку на сите држави што немаат спроведено мониторинг и немаат гаранција дека материјалот што ќе се внесе кај нас е здравствено исправен“, вели министерот за земјоделство Трајан Димовски.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) истакнуваат дека ова се однесува само на увозот на жива риба која е наменета за одгледување и насадување рибници, а кај увозот на риба нема измена.

„Во 2017 година, од страна на АХВ беше испратен прашалник до официјалните ветеринарни власти на Република Косово за состојбата со болестите кај животните, меѓу кои и болестите кај рибите, но досега  АХВ нема добиено одговор, односно официјално се уште не сме запознаени со статусот со болестите“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

А косовскиот пазар е битен за земјава, лани таму сме извезле стока од 266 милиони долари. Доминираат нафтените масла, цементот, производи од железо, пекарски производи и лекови, но значајна ставка се и земјоделските производи. Нема стравување од трговска војна, затоа што нашите власти биле во комуникација се со косовските.

Да потсетиме дека лани во јули владата на Косово ги зголеми за 30 проценти царините земјоделските производи, околу 210, по две недели оваа мерка беше повлечена по притисок на ЕУ, а нашите загуби се проценија на 180 илјади евра.