Косово се заканува со воведување на такси за Македонија?!

Министерот за трговија и индустрија во оставка, Ендрит Шаља, пратил официјално писмо до Владата на Македонија.

Во писмото тој бара да се отстранат бариерите кои властите во Скопје им ги наметнале на косовските производи.

Шаља истакнува дека тоа посебно се однесува на увозот на риба.

Во писмото до министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши, Шаља побарал Скопје да ги отстрани бариерите, а во спротивна, косовската страна “ќе ги разгледа мерките на реципроцитет за сите производи од Северна Македонија кои се увезуваат на Косово”, објавил порталот “Gazetaexpress.com”.

Шаља изразил загриженост поради забраната на извоз на риба од Косово на пазарите во Македонија.

“Ова кршење на обврските кон CEFTA од страна на Северна Македонија предизвикува загриженост за мојата влада и ве повикувам што побрзо да најдете решение по ова прашање”, напишал во писмото министерот Шаља.

Со одлуката која стапила на сила на 1-ви јуни оваа година, Македонија забранила увоз на жива риба од Косово, намената за полнење на рибници.

Во врска со наведеното од страна на Република Косово дека со новите подзаконски акти од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство од јуни 2019 година се оневозможува увозот на риби и икра од Република Косово, во дописот се посочува дека е тоа согласно правилата на ЦЕФТА и европската регулатива.

-Постапувајќи согласно на правилата на ЦЕФТА, Република Северна Македонија уште во месец јуни на редовните состаноци на ЦЕФТА, како и со соопштение на Агенцијата за храна и ветеринарство, ја извести косовската страна дека новите законски прописи се донесени согласно на Европската регулатива. Агенцијата е лиценцирано тело согласно на европските стандарди и истите ги применува неселективно при увозот на производи во РСМ. Наведената регулатива е усогласена со регулативата на Европската комисија бр.206/2010 од 12 март 2010. Ова е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде земјата е членка од 2003 година. Согласно оваа регулатива, Косово не е наведено за дозволен увоз на аквакултура и соодветно на тоа ова е транспонирано и во нашата легислатива. Неприменување на овие прописи би довело до негативни ефекти врз статустот на земјата во однос на пристапните преговори, се додава во соопштението.