Косово: Уапсени 33 лица меѓу кои и 10 полицајци за коцкање и трговија со луѓе, оружје и наркотици

55

Косовската полиција уапси синоќа 33 лица, меѓу кои и 10 полициски службеници, во голема координирана операција во селото Карачево во Општина Каменица, во Приштина и други места низ земјата, а веднаш беше преземена и акција за уривање на десетина нелегални казина во Карачево.

Основното обвинителство во Гњилане, полицискиот инспекторат и Полицијата на Косово преку соопштение за јавноста информираа дека операцијата е изведена како резултат на речиси едногодишни истражни активности за нелегални дејствија, меѓу кои нелегално коцкање, трговија со луѓе, со оружје и наркотици, шверц на стоки и други криминални активности.

Според соопштението, полициските службеници во законски предвидениот рок ќе се изведат пред судија во претходна постапка, додека при акцијата се запленети апарати за игра на среќа, разни стоки и предмети за кои се претпоставува дека се користени за криминални активности.

Оваа операција, нагласува Обвинителството во Гњилане, е најголема од таков вид во Република Косово и претставува пример на соработката меѓу обвинителството, полицијата и полицискиот инспекторат.

Приштинските медиуми јавија дека меѓу уапсените полицајци и другите лица има припадници на албанската и српската националност.

Селото Карачево, каде што главно беше сконцентрирана акцијата, се наоѓа на самата граница со Србија и стана актуелно откако на почетокот на август годинава таму влезе патрола на уноформирани припадници на српските безбедносни сили. Настанот предизвика бурни реакции во јавноста, а опозицијата ја обвини власта дека не е способна да ја штити трериторијата на државата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.