Kосово забранува продажба на енергетски пијалоци за лица под 18 години

Собранието на Косово го усвои предлог-законот за забрана на консумирање енергетски пијалаци за лица под 18 години.

Пратеничката Фиторe Пацоли од владејачкото движење „Самоопределување“, претставувајќи го законот, истакна дека истиот предвидува строги контроли за спречување на консумација на овие пијалаци од страна на малолетници.

– Законот е дизајниран за заштита на здравјето на децата и ранливите групи. Забраната за малолетници не е во спротивност со ниту една регулатива на Европската Унија, рече таа.

Предлог-законот е усвоен со 62 гласа од 120 пратеници во Собранието. Предвидува административни казни до 2.000 евра за оние кои ќе продаваат, нудат или рекламираат енергетски пијалаци на лица под 18 години.

Следува уште едно гласање во Парламентот, по што ќе се чека одобрување од претседателката Вјоса Османи за негова имплементација.

Неконтролираната продажба и консумација на енергетски пијалаци, особено во училиштата, неодамна предизвика контроверзи во Косово.