Косово засега ја избегна енергетската криза

Косовската енергетска компанија КЕК се договори со двајца приватни сопственици на земјиште околу пристап до јаглен за термоцентралите и така засега ја избегна енергетската криза.

Еден од првите луѓе на КЕК, Арбен Ѓукај предупреди пред две седмици дека Косово би можело да остане без електрична енергија доколку не биде решен проблемот со снабдување со јаглен за производство на електричната енергија.

Косово има огромни резерви од лигнит, но тие не се доволно ископани бидејќи владата во Приштина од 2013 година не го има решено проблемот со експропријацијата на 52 хектари земјиште во централно Косово под кое се наоѓалиштата на овој енергенс.

„Денеска почнуваме да ја отстрануваме земјата за да дојдеме до јагленот. Ова е привремена опција за проблемот кој нема да го решиме додека не ги потпишеме договорите со сите сопственици“, изјави во четвртокот Ѓукај.

Конечните договори би требало да бидат потпишани пред доаѓањето на острата зима, кога ќе завладеат тешките временски услови за одвивање на ископувањата.