Косовски Албанец осуден за учество во ИД

82

Судот во Франкфурт денеска го осуди косовскиот Албанец, Крешник Бериша, на три години и девет месеца затвор за учество во терористичката група Исламска држава, пренесе МИА, повикувајќи се на Танјуг.

Ова е првата пресуда во Германија за учество во Исламска држава, посочуваат германските медиуми, потсетувајќи дека процесот почнал во септември, кога 20-годишниот Бериша го одбил предлогот на судијата да добие полесна казна доколку се изјасни за виновен, и реши да се брани со молчење.

Медиумите посочуваат дека Бериша е син на косовски имигрант, а имал завршено средно образование. Во повисоките класови, меѓутоа, потпаднал под влијание на исламистите, кои носеле кафтани и молитвени шапки, не разговарале со наставниците и излегувале од часовите кога се зборувало за секс. Групата посетувала џамија во Франкфурт.

Во јули 2013 година седуммина членови на групата, меѓу кои и Бериша, заминале за Истанбул, а оттаму за Сирија, каде се приклучиле кон Исламска држава.

Во телефонски разговори со негови блиски роднини момчето зборувало дека џихадот е долг на секој муслиман.

Според обвинението, Бериша бил обучуван во Алепо од силите на Исламска држава за тоа како да ракува со автомат „калашников“, по што положил заклетва, учествувал во борбите и се грижел за ранетите. За оваа своја улога на борец тој месечно добивал по 50 евра, храна, облека и оружје.

Во декември минатата година тој решил да се врати во Германија, каде бил уапсен. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.