Косовски автобус каменуван во Србија

Автобус со патници од Косово е каменуван од засега непознати лица синоќа во Србија, во градот Крушевац, јави дописникот на МИА од Приштина.

Еден од патниците во автобусот, Ука Халилај, изјави за Косовската радио-телевизија (RТК) дека нападот со камења, при што е распукана шофершајбната на автобусот, се случил минатата ноќ околу 22:20, а припадници на српската полиција пристигнале на местото на настанот 15 минути подоцна.

„Нападот ги потресе многу сите патници. Автобусот запре 300 метра подалеку од местото каде што бевме нападнати“, изјави Халилај.

Автобусот сообраќа на релацијата Приштина-Виена и по увидот на полицијата го продолжил патот.