Косовскиот амбасадор во Македонија контактиран од Специјалниот суд

44

Амбасадорот на Косово во Македонија, Ѓерѓ Дедај, изјави дека бил контактиран од меѓународниот Специјален суд за Косово, но вели дека не бил испитуван и не е поканет како сведок од Обвинителството во Хаг, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за косовската јавна телевизија РТК, Дедај изјави дека од Трибуналот му се јавиле за да го прашаат дали доживеал „вознемирувања, закани и слично“.

„Бев контактиран, но ништо повеќе. Подготвен сум да одговорам и барам да се расветлат сите злосторства во Косово, а се знае дека злосторствата ги извршија Србите“, изјави Дедај, оценувајќи дека Специјалниот суд води „неправеден процес против Ослободителната војска на Косово“.

Тој нагласи дека од Меѓународниот трибунал, кој ги испитува претпоставените злосторства врз цивили од разни националности за време и непосредно по војната во 1998-99 година, побарал да му одговори кој ги убил членовите на неговото семејство.

„Можам да сведочам и подготвен сум да посведочам за чистата борба на ОВК, затоа што на ОВК не ѝ е местото во Хаг. Таму треба да бидат српските криминалци кои убиваа цивили Албанци и вршеа силувања и други злосторства“, изјави Дедај.

Специјалниот суд со седиште во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа ја започна во јануари минатата година, од кога, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивили од албанска, српска, ромска и друга националност, според досегашните информации, се повикани околу 300 поранешни припадници на ОВК.

На крајот на јуни годинава беше објавено дека Специјалното обвинителство покренало обвиненија против некои од основачите и водачите на ОВК, меѓу кои и актуелниот претседател на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен собраниски спикер Кадри Весели.

Тачи, кој од 13 до 17 овој месец беше на распит пред обвинителството во Хаг, изјави дека ќе поднесе оставка од функцијата претседател на државата доколку обвинението против него биде прифатено од судот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.