Косовскиот вицепремиер Хоти нападнат со јајца

19

Косовскиот вицепремиер Авдулах Хоти е нападнат со јајца денеска во близина на објектот на Владата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На видеото кое е објавено на социјалните мрежи и во некои медиуми, се гледа како кон Хоти, кој е придружуван од уште три лица, некој фрла две јајца и извикува „таксата не смее да се укине“.

Нападот е реакција на намерата на новата косовска Влада, која ја води Албин Курти, а чиј прв потпретседател е Хоти, да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, која во ноември 2018 година ја воведе претходната влада на Рамуш Харадинај.

Партијата на Хоти, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) го осуди денешниот напад, нарекувајќи го „низок чин, кој е неприфатлив и штетен за решавачките политички процеси низ кои поминува земјата“.

– Неприфатливо е враќањето на нашето општество во времето на такви напади, во 2015-2016 година, чија цел е стагнација и блокирање на државотворните процеси кои сме ги изградиле во партнерство со нашите меѓународни пријатели. Косово има потреба од мир, умереност и единство во градењето политики и водењето на земјата, се вели во реакцијата на ЛДК.

Владата на Курти најави дека во блиска иднина, со цел да се обноват преговорите за решавање на спорните прашања меѓу Приштина и Белград, ќе ја укине таксата и наместо неа ќе воведе политички, економски и трговски реципроцитет кон Србија.

Против укинувањето на таксата се партиите од претходната владејачка коалиција, сегашната опозиција, а најгласни се Харадинај и неговата партија Алијанса за иднината на Косово (ААК).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.