Коста е на психијатрија, лекарите велат дека никогаш не сретнале ваков случај

Коста К., осомничениот за крвопролевањето во белградското основно училиште во кое учел, во јули годинава ќе наполни само 14 години, што значи дека во моментов детето не може да биде уапсено, приведено или притворено, бидејќи нема да биде суден или осуден. Доколку се утврди дека има потреба од лекување, во првиот момент ќе биде хоспитализиран, а потоа најверојатно, барем привремено, сместен во установа за социјална грижа.
Каква ќе биде судбината на Коста К., ќе се знае откако ќе бидат извршени вештачењата, а бидејќи во Србија не е евидентирано вакво или слично кривично дело извршено од малолетник, неизвесно е како Коста ќе биде казнет или изолиран, со оглед на тоа дека не е кривично одговорен, пишува Блиц.
Според експертите, каква и да е дијагнозата, момчето ќе се лекува и ќе се следи неговата состојба, но никој не може да каже колку долго ќе трае лекувањето, а со тоа и изолација од општеството. Како што велат, случајот е неспоредлив, бидејќи ниту едно дете досега не извршило масакр со толку голем број загинати и ранети.
Радмила Вулиќ Бојовиќ, психолог и психотерапевт, за Блиц вели дека ова е уникатен случај и дека во овој момент е тешко да се каже нешто. Она што е сигурно е дека момчето е сместено на невропсихијатрија, во специјално одделение и дека со него ќе разговараат судски вештаци, психијатриски и психолошки стручњаци, а потоа информациите ќе бидат попрецизни.
„ Вакви случаи досега немавме, имаше малолетни престапници, но ова е интензивен, драстичен чин на насилство до таа мерка, што навестува некоја посериозна патологија. Навистина не би шпекулирала, тоа зависи од експертите, но мое мислење е дека тој нема да може долго да биде член на ниту една заедница. Не знам како би можел да биде член на која било заедница. Незгодно е и деликатно бидејќи ова не е какво било кривично дело, овде имаме дете кое изврши масовно убиство – вели Вулиќ Бојовиќ.